Сојузот на борците од НОБ од Тетово информира дека денескa поднеле Иницијатива за оценување на уставност и законитост на Одлуката на Советот на Општина Тетово од 24.04.2007 година која се однесува на промена на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во градот, објави Алсат.
Од Сојузот образложуваат дека одлуката е спротивна на членовите 7, 8 и 51 од Уставот на Македонија, како и спротивна на членовите 5, 6, 7 и 8 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, како и чл. 6 ст. 3 од Законот за употребата на македонскиот јазик.
„Очекуваме Уставниот суд одлуката да ја укине како неуставна и незаконита. Спорноста на Одлуката произлегува од нејзината едностраност, односно истата е донесена без исполнување на законскиот услов – претходна согласност од Владата на Република Македонија. Спорната Одлука и покрај тоа се применува од страна на Општина Тетово и нејзините јавни претпријатија, иако државните органи не ја применуваат, поради што произлегува и потребата од постапка за нејзино укинување, велат од Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи Тетово.
„Уставот и Законот налагаат имињата на улиците да бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Оттаму, незаконски е улица да се вика „Конгреси и Манастирит“, или „Дешморет е комбит“, бидејќи истите се напишани на албански јазик, но на кирилско писмо.
Правото на граѓаните кои се од малцинска заедница која е застапена со над 20% од населението името на улицата да биде испишано и на нејзиниот јазик е сосем друг тип на јазично право, но Законот е јасен и налага соодветна употреба на македонскиот јазик, се вели во соопштението на Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи Тетово.
По најавата на Општина Тетово за преименување на нови улици, Општинската организација на Сојуз на борците од народноослободителната и антифашистичката војна и граѓаните продолжувачи од Тетово испрати отворено писмо до тетовскиот градоначалник во кое бара да нема преименување на градските улици кои носат имиња од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народности.
Тетово ќе преименува многу улици – биле од времето на комунизмот






