Администрацијата на Трамп планира да ги натера европските сојузници да купат повеќе американско оружје за Украина пред потенцијалните мировни преговори со Москва, изјавија две лица кои знаат за ова прашање, потег што може да ја подобри преговарачката позиција на Киев, јавува ексклузивно Ројтерс.
Планот, доколку биде формализиран, ќе им понуди одредено уверување на украинските лидери кои се загрижени дека претседателот Доналд Трамп може да ја блокира понатамошната помош за земјата, чија војска полека губи територии под жестоки руски напади на истокот.
Европските земји претходно купуваа американско оружје за Украина за време на администрацијата на Бајден.
Американските власти, вклучително и пратеник на Трамп за Украина, пензионираниот генерал-полковник Кит Келог, ќе разговараат за можните набавки на оружје со европските сојузници оваа недела за време на Минхенската безбедносна конференција, велат изворите.
„Ројтерс“ прецизира дека плаќањето на Европа за американските испораки на оружје за Украина е само една од идеите на администрацијата на Трамп, која бара начини да продолжи да ја снабдува Украина без да сноси високи трошоци.
Во интервју за Ројтерс во понеделникот, Кит Келог одби да ги потврди или негира извештаите за таквата идеја, велејќи само дека „САД секогаш сакаат да продаваат оружје од американско производство, бидејќи тоа ја зајакнува нашата економија“.






