Августин Зенакос, новинар од Атина, ја критикува Грција за блокирањето на Македонија во интеграциите, а со тоа и во економскиот развој, инсистирајќи дека сега е вистинскиот момент за да се реши повеќедеценискиот проблем со северниот сосед.
Неговите ставови изнесени во написот за „ЕУ обзервер“ насловен „Да не се пропушти можноста во спорот Грција-Македонија“ значително отстапуваат, а некои се и целосно спротивни, од позициите на грчката држава и на доминантниот дел од тамошната јавност. Интересно е и тоа што го користи уставното име или само Македонија, па текстот го пренесуваме во целина:
„Спорот за името меѓу Грција и Република Македонија, кој беснее речиси три децении, мора да се реши.
Постојат неколку причини зошто актуелната можност, претставена со обновените преговори со посредство на Обединети нации меѓу двете земји и поттикнати од САД и ЕУ, не треба да се пропушти.
Прво, тврдењата на Грција во спорот се или станаа нелегитимни.
Грција продолжува да тврди, на официјално ниво, дека нејзиниот главен приговор е ‘иредентизмот’ на Македонија.
И покрај тоа што е вистина дека неколку изјави на македонски претставници, како и одредени одредби во македонскиот Устав, во минатото ја оправдуваа таквата загриженост, ова повеќе не е случај.
Сегашната влада во Македонија тргна во голема мера да ја отстрани таканаречената програма за ‘антиквизација’ што ја спроведе нејзиниот претходник и отворено го отфрли секое тврдење за историјата што Грција го смета за свое сопствено наследство.
Што се однесува до Уставот, едноставно, не е точно дека и понатаму вклучува иредентистички референци. Напротив, по неговите амандмани, тој вклучува експлицитно отфрлање на какво било побарување на странска територија.
Грција во суштина прифати дека ‘композитното име на соседот’ ќе го вклучи терминот ‘Македонија’.
Затоа, континуираното инсистирање на непостоечкиот ‘иредентизам’ не служи на никаква цел, освен додворување на националистичкиот сегмент на грчкото јавно мислење.
Истото важи и за негирањето на постоењето на македонска нација. Македонското национално движење е документирано од последните години на 19. век, а луѓето што себеси се идентификуваат како етнички Македонци се тука најмалку толку долго.
Второ, грчката политика кон својот северен сосед низ годините – вклучувајќи го и трговското ембарго во 1990-тите – е катастрофална за македонската економија и континуирано ги попречува шансите за стабилност и просперитет.
Грција во реалноста нема причина да ја смета Република Македонија за закана.
Земја која има само 20 проценти од населението во Грција и практично нема воени сили, не може разумно да се смета за безбедносен проблем.
НЕМОРАЛНО
Продолжувањето со опструирањето на изгледите на Македонија за развој и на меѓународните односи, едноставно, е канализирање на други закани и понижувања (на пример, незадоволство од мерките што ги наметнува ЕУ или загриженоста за влошените односи со Турција) во конфликт со послаб противник против кој Грција чувствува дека ја има моќта да силува без да биде казнета.
Ова е неморално.
Трето, сегашната Влада на Република Македонија дојде на власт преку процес на вклучување на јавноста и преку разочарувањето на голем дел од гласачите со екстремните националистички политики од минатото.
Неуспехот во преговорите сега ќе биде сериозен удар за моментумот што моментно го уживаат поумерените и подемократски политики.
И не се само меѓународните односи тиа што ќе страдаат како последица. Исто така, ќе бидат загрозени внатрешните прогресивни политики во однос на граѓанските и на малцинските права, за кои оваа влада беше избрана да ги промовира. Грција нема причина, како демократска земја, да сака да се случи тоа.
Точно е дека главниот удар зад рестартирањето на преговорите сега не е желбата ниту Грција ниту Македонија да ги корегираат минатите грешки, туку тековниот проект за консолидација на НАТО во Западен Балкан.
Тој почна со приемот на Словенија во Алијансата, продолжи со Албанија и Хрватска и конечно со Црна Гора. Македонија одамна се обидува да биде примена во НАТО и се чини дека ова е сега следниот чекор, под услов Грција да ги крене своите забелешки, што ќе го стори само ако се реши спорот за името.
Не е тајна дека оваа евроатланска политика се води со некаква итност во пресрет на влошените односи меѓу Западот и Русија, како и зголемувањето на кинеската економска експанзија.
Ова се рефлектира и во решеноста на Европска комисија за интегрирање на Западен Балкан во Унијата до 2025 година. Грција се усогласи со овие политики.
Некои тврдат дека малите земји немаат причина да се вклучат во големите дизајни на големите сили и дека заплетот со антируските подготовки на НАТО ја приближува заканата од војна, наместо да обезбеди сигурност.
Иако ова може да биде легитимна дискусија, особено ако се земе предвид евиденцијата за мината интервенција на НАТО, таа треба да биде исклучена од прашањето за спорот за името со Македонија.
НАТО има свои причини за охрабрување на решението, но Грција треба да има свои причини, кои накратко ги изнесов тука, за прекинување на спорот.
Инсистирањето на разгледување на прашањето под тежината на загриженоста за политиката на НАТО доведува до зачудувачко поврзување на антиимперијализам со националистички шовинизам, кој е регресивен и реакционерен.
Не треба да се дозволи тоа да доминира во јавната дебата“.




