Кина воведе контра-царини за САД; Трамп најави нови кои ќе погодат повеќе земји

Кинеските царини за одредени американски производи стапија на сила на полноќ, што претставува најнова ескалација во трговската војна меѓу двете најголеми светски економии.



Веднаш реагираше американскиот претседател Доналд Трамп кој се закани дека ќе вовеи повисоки цени за 25% кон повеќе земји…

Пекинг ги објави контрамерките пред пет дена, само неколку минути откако стапија на сила американските царини од 10 отсто за сите кинески стоки.

Од денеска ќе наплаќаат царина од 15 отсто за увоз на американски јаглен и течен природен гас. Исто така, воведена е царина од 10% за американската сурова нафта, земјоделски машини и автомобили со големи мотори.

Минатата недела кинеските власти започнаа антимонополска истрага против технолошкиот гигант Google, додека американската компанија PVH, сопственик на дизајнерските брендови Calvin Klein и Tommy Hilfiger, беше додадена на листата на „недоверливи субјекти“ во Кина.

Кина, исто така, воведе контрола на извозот на 25 ретки метали, од кои некои се клучни за производство на електронски производи и воена опрема.

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека ќе објави нови царини од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД, покрај постојните царини за металите.

Трамп, исто така, рече дека ќе ги објави реципрочните тарифи во вторник или среда, кои ќе стапат на сила речиси веднаш.

„Ако ни наплатуваат, и ние ќе им наплатиме“, рече Трамп.