Болнички извори од Британија вчера јавија дека Сергеј Скрипал, поранешниот двоен шпион кој заедно со неговата ќерка Јуллија, бил нападнат со боев отров во Солзбери на 4 март, излегол од едномесечната кома и добро се опоравува.



Добрата вест доаѓа во моменти кога некои британски медиуми отворено почнаа да изразуваат сомневање во „приказната“ за наводно руско замешателство во лучајот „Солзбери“ поради кој во март се случи најголемото протерување на дипломати помеѓу Русија и Запад од времето на Студента војна, откако излезе на виделина дека експерти за боеви отрови не може да го констатираат потеклото на нервниот гас… (иако вчера имаше и тврдења дека сепак бил произведен во руска база!). Воедно, се поставуваат прашања дали првиот човек на британскиот Форин офис, Борис Џонсон, не избрзал во заклучоците дека Руси го отруле својот поранешен агент кој на 66 годишна возраст и без тоа не им е – закана.

Борис Џонсон

„Гардијан“ преку перото на својот колумнист оцени дека „ Борис Џонсон – тоа не е катастрофа што се случува од време на време. Ова е катастрофа  што редовно се случува во изминатите неколку години, а единствената промена е тоа што секој скандал е поголем од претходниот“. Авторката Габи Хинслиф вели дека британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, ја прецени својата самодоверба кога без никакви докази изјави дека Русија е виновна за труењето на двојниот агенти. Борис Џонсон му даде автогол на Лондон, а на  Кремљ право да се сомнева во секое идно тврдење и потег на британската влада.

Во секој случај, „пензионираниот“ Скрипал, шппионот со двојна тапија уште еднаш, можеби несвесно – „одработи“…

66-годишниот Сергеј Викторович Скрипаљ, првпат ѝ паднал в очи на британската тајна служба додека работел во Мадрид за руската воена разузнавачка служба ГРУ, пишува Дојче Веле.

Роден во Калининград во 1951 година, тој рано влегол во армијата, од каде бил префрлен во ГРУ. Прво се докажал како пособен агент во Малта, по што бил  испратен на ветувачко место во Мадрид каде влегол во „тефтерот“ за потенцијални агенти кои можат дабидат врбувани од шпанската влада, но британската МИ6 била побрза.

Во времето на Борис Елцин, кога вработените во амбасадите немале плата и по неколку месеци, Скрипал лесно станал соработник на „работодавачите“ од Запад.

Според британскиот „Тајмс“, од MИ6 добил кодно име „Forthwith, („Веднаш“ или „Без одлагање“) “и почнал да доставува на Британците податоци за состаноци и локации на руски агенти.

Поради здравствени проблеми бил вратен во седиштето на ГРУ во Москва, му бил дијагностициран дијабетес, го напуштил ГРУ во 2000 година, но продолжил да работи со локалните власти во Москва и да испраќа доверливи информации до странските работодавачи.

Воедно, водел сметка да биде редовно и добро платенн, редовно летал од Москва до Малага, каде престојувал во куќа резервирана од МИ6 каде ги добивал исплатите.

Во 2004 година, кратко време по една посета на Обединетото Кралство, бил уапсен во Москва под обвинение дека работел за Британците од 1995 година, а две години подоцна бил осуден на 13 години за „велепредавство во форма на шпионажа“.

Но, имал среќа кога Американците во 2010 година откриле мрежа од десет руски шпиони, меѓу кои и познатата Ана Чепман кои беа разменети за четворица западни шпиони во Русија – меѓу нив и Скрипал.

Од тогашниот руски претседател Димитриј Медведев официјално бил помилуван, а Скрипал одбра да живее во Англија, во јужниот град Солзбери, каде купил куќа.