Со нови шест осомничени е проширена истрагата за вчерашното убиство во тетовската Мала Речица, кое што се случи во близина на седиштето на Демократската унија за интеграција.
Во текот на вчерашниот ден се приведени уште шест лица поврзани со вооружениот инцидент во кој беше убиен Наип Реџепи, а две лица се повредени.
„Шест нови лица денеска се обезбедени. Известен е надлежниот јавен обвинител и се работи на расчистување на случајот“, потврдуваат извори од истрагата за Макфакс.
Четириесет и шестгодишниот Наип Реџепи од селото Белановце, општина Липково, загина а Флорим Мисини (22) од кумановското село Черкези, е тешко повреден и е хоспитализиран на Ургентниот центар во Скопје.
Во пукањето беше повреден и четириесет и едногодишниот С.Р.(41) од селото Белановце, општина Липково, кој има прострелни рани, но е полесно повреден.
Завчера по инцидентот полицијата приведе четири лица кои учествувале во инцидентот.




