Росица Кулакова: Бараме правда за Фросина и од судијката Даниела! Проблемите доаѓаат од судството, кое е обврзано да ги казни злоделата!

„Ако судијката Даниела Алексовска-Стојановска му го продолжеше притворот на Васил Јованов се до правосилност на одлуката и по вчерашната одлука на Апелација тој само ќе беше спроведен во затвор, а мојата сестра Фросина денес ќе беше жива. Затоа бараме одговорност и од судијката Даниела Алексовска-Стојановска!“ – рече во својот говор сестрата на Фросина Росица Кулакова пред присутните на денешниот протестен марш во Неготино, во кој беше вклучена огромна колона на граѓани од цела Македонија. Под слоганот „Стоп за сообраќајното насилство“ денес попладнево на плоштадот во Неготино се одржа протест за правда за прерано згаснатиот живот на Фросина Кулакова, но и за сите жртви во сообраќајот. Фросина Кулакова од Неготино на 29 јануари годинава беше прегазена додека поминувала пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала во Скопје. Дваесет и двегодишната девојка беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој, според обвинителството, возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло. На Јованов му е одреден притвор од 30 дена.



Родителите на Фросина, нејзините другарки, роднини, но и голем број граѓани запалија свеќи, а потоа одржаа мирен протестен марш по улиците на нејзиниот роден град Неготино. Сите искажаа револт против неказнивоста на ваквите дела во сообраќајот, нагласувајќи ја корумпираноста во судството. Обраќајќи се пред присутните, сестрата на Фросина Росица Кулакова посочи и дека коренот на сите проблеми во општеството доаѓа од судскиот систем, бидејќи тој има неприкосновена обврска да покаже и да докаже оти злоделата мора да бидат соодветно казнети. „Законодавецот предвидел многу повисоки казни од оние што судот во пракса ги досудува. Тогаш, секој од нас ќе знае и размислува за последиците пред постапките.“ – нагласи Росица Кулакова.

Во името на другарките на Фросина се обрати Катерина Недева, која посочи дека протестот е израз на нивната болка и бес за загубата на еден млад живот, бес против насилството во сообраќајот. Според неа, колективниот аларм треба да ги насочи сите чинители во активна мисла за создавање безбедни и сигурни улици, почитувани правила од свесни учесници во сообраќајот, оти, вели, со секоја несреќа, со секој одземен живот умира дел од човечноста на заедницата. „Ова мора да престане! Изнајдете начин вие, што ја имате моќта на одлучувањето во свои раце – во законските рамки, во воспитната превенција, во правичното и неселективно судство. Секој чекор од овој протесен марш е порака до вас. Почнете. Со објективна проценка, со праведна и строга казна и продолжете со едукација за подигање на свеста и совеста на секој еден учесник во сообраќајот. За да ја поттикнеме одговорноста кај возачот, мора да ја казниме неодговорноста на возачот без сообраќајна дозвола!“ – укажа Недева.

Таа нагласи дека чистата совест и правилното однесување може да спречат многу сообраќајни трагедии. „Секој чекор од овој протесен марш е поддршка на семејствата, што изгубиле дел од својата душа и што мора да продолжат да чекорат со товарот на загубата. Од моментот кога една човечка судбина добила име, општеството станува должник на семејството. А нему единствена утеха може да му биде, правда за неговото дете. Ние не сме овде, за да бидеме бројка, ние сме само обични ранливи луѓе, кои лесно можат да станат жртва на некој алкохолизиран возач без возачка дозвола. Ние не сме статисти! Ние сме глас на болката, глас на бесот, глас на стравот, глас на општеството со црвена дамка. Погледнете во нас и разберете го родителот, кој е клекнат на колена. Погледнете во нас и видете го маршот на вознемирените луѓе кои знаат дека нивниот страв е почеток на храброста да се борат против смртоносните траги на асфалтот. Должината на овој марш се мери со големината на нашата заедничка одговорност, затоа судете праведно, казнувајте строго, воспитувајте посветено. И секако, бараме правда за Фросина!“ – порача Недева.

Барајќи правда, на денешниот протест во Неготино дојдоа и блиски на претходно загинатите Михаела Стеваноска, Слободан Ангеловски, Ивица Цековски, Мите Танов и други, посакувајќи никому да не му се случи ова, низ што минуваат тие. Но, побараа и повторно разгледување на сите сомнителни судски случаи.