Стерјовски: РМ да им помогне на Македонците во Албанија да си го заштитат македонскиот идентитет наспроти агресивната бугаризација!

„Сите ние сме овде со една заедничка цел: да го одбраниме нашиот македонски идентитет и да изградиме поцврста основа за иднината на Македонците во Албанија. Како политичка партија, која произлегува директно од македонската заедница во Албанија, нашата главна мисија е заштита и претставување на македонскиот идентитет, култура, јазик и традиции. Ниедна друга партија во Албанија не се занимава со прашањата и предизвиците на македонската заедница, што нè прави единствен и посветен застапник на нејзините права и слободи. Нашата борба не е само политичка: таа е битка за опстанок, за зачувување на вековните македонски корени во овие простори!“ – нагласи Васил Стерјовски, лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), единствената македонска партија во Албанија, на денешниот состанок во Корча, Албанија. На овој состанок, кој го организира МАЕИ, присуствуваат и претставниците на политичките партии, кои што ја прифатиле поканата за него: Лилјана Затуроска и Лидија Петковска од ВМРО ДПМНЕ, Катерина Тодоровска од ЗНАМ, Методија Илиевски од СДСМ, Димитар Апасиев од Левица, Зоран Димитриевски и Зоран Петров од Демократскиот сојуз и Лутфим Спахиу, вршителот на должноста македонски амбасадор во Албанија.

Од страна на Македонска алијанса за европска интеграција МАЕИ присутни се претставници од областите на Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, Врбник, како и од градовите Корча, Подградец, Елбасан и Тирана. Васил Стерјовски истакна дека присуството на претставниците на политичките партии од власта и од опозицијата од Македонија во Корча е јасен показател дека грижата за Македонците во Албанија е национален интерес, кој ги надминува партиските разлики.

„Тргнувајќи од сложената положба на Македонците во Албанија како автохтоно население, и соочувајќи се со предизвиците од агресивната бугарска политика за бугаризација и асимилација, како партија решивме да ja организираме оваа средба во Корча. Целта е да ги запознаеме македонските парламентарни политички партии – и од власта и од опозицијата – со положбата на Македонците во Албанија, која е крајно незавидна. Посебен фокус сакаме да ставиме на агресивната бугарска политика за асимилација, која е директно помогната и од албанските институции.“ – предупреди Стерјовски.

На средбата беше претставена националната стратегија што ја предлага МАЕИ до македонските власти и политичките партии за унапредување на положбата, правата и слободите на Македонците во Албанија.

„Веруваме дека е од суштинска важност оваа стратегија да биде поддржана од сите македонски политички партии од Република Македонија, без оглед на сопствената политичка платформа. Нашето барање не е само политичко, туку е прашање на национална одговорност. Македонија, Како матична држава Македонија има голема одговорност и можност да им помогне на Македонците во Албанија да ги зачуваат своите вековни огништа, да ги добијат универзалните права, кои им припаѓаат како малцинство, да го отфрлат влијанието на бугарската пропаганда и да ги зајакнат врските меѓу матичната држава и македонската заедница во Албанија.“ – посочи лидерот на партијата МАЕИ Васил Стерјовски.

МАЕИ и Стерјовски бараат поддршка и помош од матичната држава. Македонците во Албанија, како што кажа тој, не бараат привилегии. „Го бараме само она, што ни следува според сите европски и меѓународни стандарди за заштита на националните малцинства.“ – напомна Стерјовски денес во Корча.