Триесет и петгодишен работник од Бангладеш загинал додека извршувал работни задачи во кратовското село Кетеново.
Од Секторот за внатрешни работи во Куманово истакнуваат дека несреќата била пријавена на 6 февруари 2025 кога работник од Бангладеш се заглавил во машина за правење бетон. „При извршување работни задачи за приватна фирма во село Кетеново, Кратовско, А.Р.(35) од Бангладеш се заглавил во работна машина за правење бетон. Починал од здобиените повреди на самото место. Лекар ја констатирал смртта. За настанот се известени јавен обвинител и трудов инспектор.“ – велат од СВР Куманово.
По извршениот увид од екипа од СВР Куманово се преземаат мерки за расчистување на трагичниот настан.
Трагичното загинување на 35-годишникот, кој дошол дури од далечниот Бангладеш да работи во Македонија, го отвора прашањето: кои се и од каде доаѓаат да работат во Македонија, но и за колку пари и под какви работни услови?!





