Едни сакаат, други не даваат, однонсо минималната плата сега се на крстосница меѓу чеканот и наковалната. Какви и колкави се шансите за раст на платите без реален економски напредок, за сега никој не може да потврди. Има ли простор или поголема опасност за економијата од растот на платите на работниците, според економистите, ќе покаже времето ако сите се расположени да работат како што треба. На дебатата меѓу бизнисмените и синдикатите за раст на минималната плата останува отворено прашањето дали ќе се зголеми минималецот.

По средбата во Владата, на која не беше договорена нова минимална плата, од Владата испратија јасни сигнали, договорот е меѓу работодавците и синдикатите.
- Договорот за минималната плата останува во рацете на работодавците и синдикатите, додека Владата е подготвена да го прифати решението што ќе го постигнат двете страни – посочува заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Тој потенцира дека Владата не сака да наметнува административни одлуки, туку поддржува конструктивен дијалог за усогласување на износот на минималната плата.

- Владата им даде можност на претставниците на работниците и работодавците да седнат на преговарачка маса и да договорат износ што ќе биде прифатлив за двете страни. Владата нема да наметне свое решение, туку ќе го прифати договорот што ќе биде постигнат преку социјален дијалог. Премиерот Христијан Мицкоски го кажа тоа многу јасно и недвосмислено – посочи Ристески.
На овој начин, како што вели Ристески, Владата покажува дека е посветена на фер економски политики, засновани на принципите на слободен пазар и конструктивен дијалог меѓу социјалните партнери.
Минималната плата во Македонија изнесува 22.567 денари. Во согласност со законските одредби, се очекува оваа сума да се зголеми на 24.400 денари, односно близу 400 евра во март 2025 година.





