Велика Британија ќе биде домаќин на самитот на Берлинскиот процес 2025

Британскиот премиер Кир Стармер ќе биде домаќин на самитот на Берлинскиот процес во 2025 година кој ќе се одржи во Лондон оваа есен, информира Британската амбасада во Скопје.



Берлинскиот процес е водечки меѓународен форум за поддршка на стабилноста и промовирање на регионалната соработка, на кој присуствуваат сите шест лидери на Западен Балкан, се вели во соопштението.

Обединетото Кралство ќе го искористи самитот за зајакнување на своите партнерства со земјите од Западен Балкан за справување со нерегуларната миграција, како и за поддршка на стабилноста и растот во регионот, стои во најавата.

Државниот секретар за надворешни работи, комонвелт и развој Дејвид Лами ја назначи Карен Пирс за специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, одговорна за одржувањето на самитот. Таа ќе ја преземе улогата како наследник на Лорд Пич во март 2025 година, информираат од британската амбасада во Скопје.