Доколку Македонија до 14 април не најде решение за увоз на српското брашно, истиот ден Србија ќе примени „полн сет“ мерки, се закани министерот за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љаиќ.
„Немаме друг механизам. Бевме доволно трпеливи и толерантни“, изјави тој за новинската агенција Танјуг.
Србија разбира дека македонската Влада е „под страшен притисок на мало млинарско лоби“, вели Љаиќ, но и додава дека неговата земја повеќе нема да трпи „едно такво нелогично и неекономско однесување“.
Српскиот министер потсетува дека неодамна со македонската страна бил постигнат напредок во однос на признавањето на меѓусебните сертификати и на работното време на инспекциите на граничните премини. Притоа Србија предложила целосно укинување на контролните маркички што се лепат на амбалажата на брашното.
„Предлагаме целосно да ги укинеме маркичките, и ние и тие, бидејќи нема потреба да се прават двојни контроли ако меѓусебно се признаваат сертификатите. На тој начин се зголемува вредноста на стоката, а на крајот сето тоа го плаќаат потрошувачите“, додава Љаиќ.





