Од грчката лабораторија на идеи и „Вардармакедонија“ без превод?!

„Вардармакедонија“ без превод е најновиот предлог за името на северниот сосед што се појави во грчката јавност, а чиј автор е пензионираниот професор на Американски универзитет, Петропулос, кој го образложува во грчки „Капитал“.



„Дури и подобро од Горна Македонија или од Горнамакедонија е Вардармакедонија како еден збор и со мало ‘М’. Дотолку повеќе што Вардар стоеше во нивното име до 1944 година, кога Тито го смени. Покрај тоа, Горна Македонија или Горна Macedonia кога ќе се преведат на јазикот на секоја држава ќе надвладее само Macedonia, особено ако станува збор за два збора, а не за еден. Конечно, Горна Македонија не е прифатлива за Бугарите, бидејќи тие исто така го имаат Пирин“, пишува во својата колумна професорот, кому министерот за надворешни работи Никос Коѕијас му кажал дека „’Скопјаните’ не прифаќаат ‘Вардарска’ и сосема веројатно секо друго име што не го содржи зборот ‘Македонија’“.

Петропулос е против референдум, за кој смета дека ќе има негативен исход и во двете земји, а и промени во Уставот е невозможно да се прифатат од Скопје, смета тој. Професорот порачува и „да не се држиме до ‘едно име за сите’, бидејќи и Грција различни народи ја кажуваат со различни имиња: Greece, Grece, Griechenland, Yunanistan итн.“.

„Јас исто така би сакал да се направи дистинкција дека Македонија ИСТОРИСКИ недвосмислено е исклучиво грчка, но ГЕОГРАФСКИ може да биде без приговор, бидејќи Словените окупираа дел од северниот дел на Античка Македонија многу подоцна (6 век од н.е.) и затоа сакаат да се сметаат себеси за Македонци. Како отоманските Турци што ја освоиле Мала Азија во 12 век, а веруваат дека е нивна татковина“, пишува понатаму Петропулос, кој има разбирање и за другата страна.

„Ние мораме да ги разбереме некои од позициите и тешкотиите на Скопје, на пример, дека луѓето кои се родени и воспитувани како ‘Македонци’ треба сега, под притисок и барање на друга земја, да си ги променат националниот ‘идентитет’, историјата во нивните книги и имињата, и покрај тоа што повеќе од 140 земји ги препознаваат и ги нарекуваат ‘Македонци’“, заклучува тој.