Пишува: Свето Тоевски
Измина 4 февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев, откако во 1872 година во Кукуш на векот и на светот дојде овој највелик Македонец, како величествена пројава на еден индивидуален бунтовен дух, што го одрази во целина бунтовниот дух и на народот македонски, од кого поникна. Многу историчари, многу други народни и револуционерни дејци рекле дека Гоце Делчев е Македонија, но дали и Македонија е Гоце Делчев? Колку неговите пораки навистина одекнуваат и се задржуваат дејствително во свеста на македонскиот народ не само повремено, на одбележувањата на денот на неговото раѓање и на денот на неговото загинување, туку и потоа?
Вонвременските пораки на Делчев за будењето на народот против „управниците-шарлатани и владетелите“
Бележито место во колективното национално помнење на македонскиот народ зазема знаменитото истапување на Гоце Делчев во февруари 1896 година пред бугарскиот врховистички генерал Данаил Николаев: „Ние, селаните, македонското население, народот, нема да им дозволиме на други да прават политика со Македонија, ниту ќе им дозволиме на други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога… Ние не бараме покровители, а уште помалку господари.” Делчев порачал и дека „Внатрешната организација не се стреми само да им дава оружје на луѓето, ами и да го разбие нивниот ропски дух.” „Јас не сакам востание со луѓе, кои ќе ме напуштат при првиот неуспех; јас сакам револуција со граѓани, кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква ќе биде и нашата, поради жестоките политички услови – или ќе водиме говеда на касапница.“ – предупреди Делчев во врска со опасностите од предвременото кревање на Илинденското востание, што и се случи во август 1903 година. Во писмото испратено до Никола Малешевски, од 4 мај 1897 година, Гоце пишува: „Тешко му е човек да има работа со шарлатани, какви што се овдешните управници; … власта е симбол на измама, насилство и грабеж… Нечесна работа… гони ги управниците, мрази и востанувај против секој владетел.“.
Овие мисли на Гоце Делчев ќе одекнуваат секогаш низ времињата како вонвременски пораки и завет до секое, па и до ова денешно македонско поколение, секогаш да ја гради и да ја крепи бунтовна својата колективна и индивидуална национална свест, како немирење со неправдите, угнетувањата, националните понижувања, оти Македонците треба сами да прават политика за себе како народ и за Македонија и да не им дозволуваат на други да го прават тоа наместо нив. Делчев го предупредуваше својот македонски народ да не дозволи да го надвладее „состојба на ропски дух“, го повикуваше „Македонецот да се разбуди од петвековниот длабок сон, кој го направил доста дебел во свеста за човечката правина“. Највеликиот Македонец ја искажа својата желба да води „револуција со граѓани, кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква што ќе биде и нашата, поради жестоките политички услови“.
Валидноста и применливоста на мислите на Делчев за активирањето на денешниот акциски потенцијал на народот, на граѓаните
Дали согледуваме и по 120 и повеќе години колку се свежи овие ставови на Делчев, анализирани и од денешна гледна точка, небаре како да го слушаме токму денес да говори на плоштадот „Македонија“ среде Скопје во врска со моментните внатрешно-политички и меѓународно-политички околности, во кои се наоѓа и живее македонскиот народ?!
Современата теорија и пракса на партиципативната политичка култура се залага дека е потребно и непосредно учествување, непосредна вклученост на народот, на граѓаните во водењето на моралната и демократска политика, како и во процесите на општественото и политичко одлучување во една држава, покрај претставничката демократија, преку пратениците во националниот парламент. Слично кажал и Гоце Делчев кога посочил дека е потребно народот да не се мири со „владетелите“, со „управниците-шарлатани“, со „измамите, насилствата, грабежите“, со „нечесните работи! Тој ги изнел овие ставови во едно сосема друго време, во врска со едни сосема поинакви општествени ситуации, но тие негови зборови сосема се соодветни и за поставеноста на Македонците и сите други граѓани на Македонија кон сите политичари, државни функционери, партиски лидери, судии и други вршители на државни и јавни функции, кои ќе потонат во криминал, корупција и злоупотреби на службените овластувања, за што сега има толку многу кривични истраги и кривични пријави, па веќе и конкретни апсења на оние со „лепливите прсти“ од претходната раководна политичка гарнитура. Во врска со девијантните појави, кои се случуваа толку многу во мандатот на изминатата власт, народот, граѓаните преку својот зголемен и реален граѓански и политички активизам бараат тие повеќе да не се дозволат во иднина.
Од времето и мислите на Гоце Делчев од пред 120 и повеќе години да преминеме сега исцело на нашево денешно совремие. Се актуализира клучното прашање во оваа анализа: каков е и колкав е во овој момент „акцискиот потенцијал“ на Македонците и другите граѓани на Македонија? Под ’акциски потенцијал’ на граѓаните треба да се подразбира нивна подготвеност за активно дејствување (партиципација) во одлучувањето за клучните проблеми и прашања во политичката заедница (државата и општеството). Акцискиот потенцијал на граѓаните е димензија на партиципативната политичка култура, додека клучните карактеристики на парохијалната и поданичката политичка култура се недејствување, бојкот, пасивност, повлекување… Во акциски потенцијал спаѓаат подготвеноста на: легалистичко дејствување во системот, организирана и спонтана граѓанска непослушност; цивилно-општествен ангажман со подолго траење (движења); директна акција (протести и демонстрации).
Илјадниците граѓани на протестите во Скопје, предизвикани од убиството на Фросина Кулакова, и нивното барање да одговара не само момчето, што ја усмрти со автомобилот, туку и судијката и другите семејни и општествени чинители, се еден од најновите показатели за раздвижениот, но и се уште недоволен акциски потенцијал на народот, на граѓаните во насока на придонесување за отстранување на заостанатиот гнилеж, јавашлак, неодговорности и криминал во општеството и државата. Беше потребно од Хрватска, од надвор да стаса иницијатива за бојкот на супермаркетите и во Македонија, за да се пројави незадоволството и на македонските граѓани од превисоките трговски маржи, кои во одделни случаи и во одделни трговски компании, како што покажаа првите контроли, се движат од 12 дури до 37 проценти од набавната цена на артиклот, на продуктот! Првичниот бојкотот на супермаркетите во Македонија беше делумен, па е најавен и нов бојкот наречен „Црн петок за супермаркетите“. Овие протести и бојкоти се само дел од зголемувањето на активистичкиот ангажман на граѓаните, на јакнењето на нивниот акциски потенцијал. Граѓаните пројавуваат се поголем револт и кон судско-обвинителскиот систем, кој во нивните очи има урнисана доверба од само 2 процента!
Раздвижено е општествено-политичкото опкружување во Македонија, но потребен е и „партиципативен инженеринг“ врз системот, особено преку народните и граѓанските референдуми
Преку медиумите, преку фејсбук и другите општествени мрежи, низ политичките институции во земјата можат да се чујат и да се видат изблици на протести и несогласувања на граѓаните со уништувањата на сè поретките оази на зеленило и чист воздух на жителите на Скопје, со безмилосната и незаконска сеча до мера на масакрирање на шумите во македонските планини, со изградбата на нови депонии, или функционирање одделни постојни депонии на смет на низа локации во земјата, со отворање и некои рудници на метали, за кои месното население во источните региони жестоко се спротивставува, стравувајќи од смртоносни загадувања и уништувања на здравата животна средина. Посебно место во реакциите на граѓаните заземаа сите неоправдани трошења буџетски пари за патни трошоци, од страна на пратеници во Собранието, на одделни владини министри и други државни функционери, што се случуваше масовно особено од страна на претходната влада.
Особено се интензивирани реакциите меѓу Македонците, но и кај политиколошката и лингвистичката научна јавност, во врска со последиците од двата „добрососедски договора“, Преспанскиот и Бугарскиот договор, врз македонскиот идентитет, јазик, култура и историја: во последно време зачестуваат барањата час поскоро дури и да се поништат двата акта, кои немаат никаква врска со добрососедство, туку директно со уништувањето на македонската држава и „конечното решавање“ на „македонското прашање“ преку бришењето на Македонија и Македонците од мапата на државите и народите во светот.
Овде вреди за миг пак да потсетиме на неколку става, кои Гоце Делчев ги кажа уште во неговото време: „гони ги управниците-шарлатани“ и да се води „револуција со граѓани, кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква што ќе биде и нашата, поради жестоките политички услови“. Навистина е потребно да се гони секој политичар-шарлатан, секој функционер-шарлатан, кој ќе „забега“ во вршењето на власта, не служејќи им на народот, на граѓаните, туку на своите лични, семејни и групни политички интереси, за својот џеп, што се случуваше во огромна мера во владеењето на ДУИ и СДСМ. Навистина е потребна „мирновременска партиципативна револуција“ на народот, на граѓаните, кои ќе бидат оспособени да придонесат и тие кон долготрајната борба за претворање на Македонија во многу попристојно заедничко место за живот и напредок, за благосостојба на граѓаните. Но, колку што ќе треба граѓаните да бидат вклучени во таквите активности за политичка, економска и демократска консолидација, политичарите и власта ќе треба да остваруваат уште позасилени натамошни активности оваа земја да ја оттргнат од зоната на самракот на македонскиот идентитет, на „социоекономскиот плач“ на цели општествени слоеви на граѓани, потонати во беда, глад, бездомност и безперспективност.
Колку и да некој злонамерно и тенденциозно ќе каже дека „отапел овој македонски народ“, тоа сепак не е точно. Колективната политичка свест на македонскиот народ постапно станува се повеќе партиципативна, активистичка, започнува да се создава своевидно „граѓанство со самодоверба“, но, сепак, тоа треба уште повеќе самото да си влева „гоцеделчевистички активистички импулси“ во својот секојдневен општествен и политички живот. Политичко-идентитетската, демократската и економската консолидација на Република Македонија како Република Македонија, а не како „северна Македонија“, сепак, треба да се забрза не само со јакнењето на партиципативната свест на граѓаните, туку и со внесувањето на принципите и моделите на „партиципативниот инженеринг“ врз уставно-политичкиот систем на македонската држава. Користејќи и применувајќи споредбени искуства од Германија, Франција, Шведска, Швајцарија и други развиени држави во Европа и светот, особено во доменот на почестата примена на народните, граѓанските референдуми како во споменатите развиени европски држави. Но, тоа е веќе друга тема и за неа во некоја следна анализа.
(Авторот изнесува ставови од сопствена објективна политиколошка анализа, кои немаат поврзаност со ниедна политичка партија, ниту со уредувачка ориентација на кој било медиум во Република Македонија)





