Секој прекршок ќе биде казнет, а глобата ќе се наплатува директно од сметка. „Безбеден град” комплетно функционален догодина

Казнувањето за сообраќајни прекршоци врз основа на снимките од камерите поставени низ скопските улици ќе започне следната година. Ова го соопшти премиерот Христијан Мицкоски, кој додаде дека се работи со засилено темпо работи на проектот. За Владата ставањето во функција на овој систем за електронско детектирање на сообраќајни прекршоци, познат како „Безбеден град”, е еден од приоритетите , со единствена цел да се подобри безбедноста на патиштата и да се намали бројот на жртви. .



– Догодина системот комплетно ќе биде ставен во функција и сметам дека тоа ќе придонесе за поголема безбедност и помалку сообраќајни несреќи на улиците. Се размислува во првите шест месеци да се делува едукативно и информативно, а потоа да се почне со ригорозно казнување. Секој што ќе направи прекршок ќе биде казнет, а средствата за казната веднаш ќе му бидат одземени од сметката – изјави Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите во Клубот на пратениците во Скопје.

На прашањето зошто на улиците нема доволно сообраќајна полиција која ќе спречи дивеење, како што е брзо возење или паркирање во трета лента, премиерот одговори дека ситуацијата ќе се промени.

– Ако има полиција, тогаш велите дека сме полициска држава. Ако ја нема, прашувате зошто ја нема. Но, еве, сега постојано ќе има полиција, затоа што мора да се стави крај на ваквите ситуации – истакна Мицкоски.