За 25 февруари е закажано првото рочиште за тужбата од Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ против Општинскиот совет на Благоевград за „антимакедонски навреди и клевети“ во неговата декларација за основањето на клубот во главниот град на Пиринска Македонија пред три години.
„Во врска со отворањето на клубот во 2022 година:
Пред Комисијата за заштита од дискриминација ја обжаливме Декларацијата на Советот на Општина Благоевград поради наводите во неа со кои се понижува достоинството на Македонците. Комисијата не кажа ниту еден навредлив збор за Советот. Останавме бесни.
Со својата декларација Општинскиот совет објави дека клубот е антибугарска провокација; дека македонската нација е вештачки создадена од Коминтерната; дека му служела на Советскиот сојуз; за целите на туѓа земја; дека ‘македонската нација’ ја поврзуваат со принудното наметнување ‘културна автономија’ во Пиринскиот крај; дека за Бугарите, жители на Пиринска Македонија, е исклучителна навреда да му се наметнува туѓа самосвест на Вапцаров; дека како ‘малцинство’ грубо ги газиме Уставот и законите; дека ако се чувствуваме ‘угнетени’ можеме да се обратиме на суд во Бугарија, на суд во ЕУ; дека се прекршувал Договорот за добрососедство со Македонија; се погазувало постигнатото во односите со Македонија; сме ја попречувале евроинтеграцијата на Македонија.
Наводите од почеток до крај се грозни и невистинити, од кои блика омраза, за која не знаеме само ние дека е незаслужена.
Преку Комисијата побаравме од Општинскиот совет да обезбеди докази за она што го тврди, а ако не може, да се извини. Не следуваше ниту доказ ниту извинување.
Одиме на суд. На 25 февруари е првата седница.
Ако и вие сте бесни, дојдете на 25.02.2025 година, вторник, во 14 часот за да нè поддржите. Да ја покажеме нашата навреда. Заедно да покажеме пред судот со молчеливо присуство дека сме навредени, дека не сакаме реванш туку човечко извинување по осознаена грешка, зошто понекогаш нè нарекуваат браќа, па се прашуваме што е вистината – првото или второто“, се вели во соопштението на МКК „Никола Вапцаров“ од Благоевград, чие отворање на 30 октомври 2022 година со повеќе видни гости од Македонија ги возбуди духовите во двете соседни држави.






