На темата каде е позиционирана Македонија на глобалната мапа на дигиталната трансформација, каде оди светот на ова поле и во кој правец треба да е движиме како земја, во најновата колумна на Томе Томовски:
Ако ја погледнеме дигиталната трансформација како екосистем ќе се види дека во овој екосистем се граѓаните, компаниите, надворешните фактори, самата држава, капацитетите на државата и законите (регулативата).
Кога зборуваме за нивото на дигитална трансформација и подготвеност за справување со предизвиците произлезени од неа, ќе го спомнам DiGiX. DiGiX е консолидиран индекс развиен од BBVA Research, еден од повеќето кои постојат, кој ги оценува факторите, однесувањето на актерите и институциите што овозможуваат една земја целосно да ги искористи информациските и комуникациските технологии (ИКТ) за зголемување на конкурентноста и благосостојбата. Индексот ги сумира релевантните показатели за дигиталните перформанси на 100 земји и е консолидиран од околу шест главни димензии: понуда (инфраструктура и цена), побарувачка (граѓани, компании, влада и државни институции) и целокупна институционална средина.
Секоја од овие димензии е дополнително поделена на неколку индивидуални индикатори. Овој индекс обезбедува сеопфатен преглед на дигиталните перформанси на земјите, овозможувајќи споредба и идентификација на области за подобрување.
Првите пет позиции ги заземаат Хонг Конг, Сингапур, Данска, Швајцарија и Холандија.
Да, многу други земји изостануваат од овие позиции бидејќи оценката е комплементарна од фактори како: робусна дигитална инфраструктура, високи стапки на усвојување на дигитални технологии и поволни регулаторни околности.
Дигиталните екосистеми на овие пет држави не само што нудат дигитални услуги за граѓаните, впрочем го потикнуваат економскиот раст туку и го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните.
Последните пет позиции припаѓаат на Хондурас, Камерун, Зимбабве, Нигериа и Никарагва.
Со последните резултати од 2024 година, неколку европски земји покажале значителни подобрувања во нивните рангирања за дигитализација и дигитална трансформација.
Овие подобрувања можеби се резултат на влијанието на фондовите Next Generation EU, кои имаат за цел да ја унапредат дигиталната инфраструктура и усвојувањето на дигитални технологии низ регионот.
Хрватска забележала најзначаен напредок, искачувајќи се за 30 позиции, проследена од Грција, која напредувала за 27 позиции. Унгарија и Италија исто така постигнале значителен пораст, напредувајќи за 19 и 16 позиции, соодветно.
Други забележливи подобрувања вклучуваат Латвија (15 позиции), Португалија (13 позиции), Словачка (12 позиции) и Шпанија (7 позиции).
Значителен напредок е забележан за Македонија, во рангирањето за дигитализацијата. Македонија и Грузија се лидери во Централна и Југоисточна Европа според напредокот.
Во резултатите од 2024 годинина, Македонија има рејтинг од 0.56 на 51-та позиција, додека Грузија со 0.53 рејтинг е на 56-та позиција. За референтна основа, првата позиција која ја зазема Хонг Конг е со рејтинг 1.0.

Табела: Мултидимензионален индекс за дигитализација
Ние најчесто се водиме од тоа што направиле другите држави, зошто се тие толку напредни, но пристапот за тоа е погрешен. Од гледна точка на Македонија, поседуваме апсолутно сѐ државата да ја направиме лидер во Европа за дигитална трансформација, и пример за брзо растечка економија ако дигиталната трансформација ги опфати сите сегменти од општеството. Притоа, привлекувајќи и поединци и компании за уште поболем економски раст.
Легислативата на Европската Унија нѝ е достапна, принципите и најдобрите практики за имплементација нѝ се достапни, како држава располагаме со одличен технолошки капацитет од поглед на човечки капитал, локални компании па дури и соработка со глобални компании.
Мотивација постои, но кои состојки нѝ недостасуваат? Нѝ недостасуваат оперативна визија, оперативни долгорочни инвестиции, долгорочна оперативна програма и третман на дигиталната трансформација како најголем капитален проект во државата заедно со останатите.
Македонија се соочува со неколку клучни предизвици за целосно оперативна дигитална и клауд (Cloud) трансформација, вклучувајќи недоволна дигитална инфраструктура, ограничена регулаторна усогласеност за клауд технологии и услуги, ниска доверба во сајбер безбедноста и недоволна дигитална писменост во јавната администрација, но и во приватниот сектор.
Иако постои голем напредок во дигитализацијата, без јасна национална стратегија за клауд, унифицирани платформи за е-влада и стимули за приватниот сектор, клауд решенијата остануваат недоволно искористени. Неодамнешната воспоставената национална стратегија за сајбер безбедност укажува дека ние напредуваме во оваа сфера и фокусот ни е јасен.
Владата мора да инвестира во скалабилни и безбедни и брзи клауд услуги, сопствена и суверена клауд инфраструктура и усогласена законска рамка што ќе ги поттикне граѓаните, институциите и компаниите да ги прифатат дигиталните технологии, со што ќе се осигура модерна, ефикасна и одржлива дигитална економија и целокупен напредок во нашата држава.
Авторот Томе Томовски е извршен советник и менаџер во Big 4 глобална консултантска компанија. Како технолошки лидер со над 16 години искуство во Европа, Блискиот Исток и Северна Америка, специјализиран е за дигитална трансформација во приватниот и јавниот сектор со фокус на ИКТ стратегии, cloud стратегии, модернизација на ИКТ системи и воспоставување на оперативни планови со краткорочни и долгорочни цели за стратешки технолошки менаџмент.
Томе Томовски е лидер и експерт за развој и имплементација на национални технолошки стратегии, управување со комплексни трансформациски програми и раководење со глобални, мултидисциплинарни тимови со силен акцент на технологијата како двигател на иновации и ефикасност.
Повеќе колумни од авторот





