(Фото): „Убијци“ се извикуваше на протестот за Фросина кој заврши пред Кривичниот суд

Илјадници граѓани денеска во Скопје се собраа на мирен протест изразувајќи ја својата поддршка за Фросина Кулакова и сите жртви од сообраќајни незгоди. Извикувајќи во еден глас граѓаните, меѓу другото, побараа „правда за Фросина“, „правда за жртвите“, „оставка“ и „затвор за Васил“.



Масовен протест во Скопје – гнев, тага но и желба за правда за свирепо прегазената Фросина Кулакова ечеа од илјадниците граѓани кои протестираа денеска. Насобраните граѓани скандираа „секој еден е следен„ потенцирајќи дека неказнивоста, корупцијата и привилегираноста прават секој пешак да е потенцијална жртва на прегазување од страна на несовесни возачи кои дивеат по улиците и булеварите, а нема кој и како да ги запре.

Протестот започна на булеварот „Партизански одреди“, на местото каде што беше прегазена Фросина кај Универзална Сала, продолжи преку Собранието и Јавното обвинителство, до Кривичниот суд. На секоја точка, граѓаните оддава почит на Фросина со триминутно молчење.

На протестот под мотото „Кој е следен?”, граѓаните порачаа „Вратете ѝ го боите на Фросина“ за 22-годишната модна дизајнерка од Неготино која беше прегазена на пешачки премин од страна на дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин.

На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.

Ова е втор протест откако граѓаните во Скопје одржаа мирен собир и во петокот, кога запалија свеќи и положија цвеќе пред фотографијата на Фросина поставена на местото каде што таа беше прегазена. Преку написите како „Врските не враќаат човечки живот“ и „Не е несреќа, туку убиство“ тие и тогаш маршираа до Собранието и Кривичниот суд и побараа одговорност од институциите за Фросина и за сите жртви во сообраќајни незгоди.

Мирен собир деновиве се одржа и во Неготино, родниот град на Фросина, како и во Кавадарци.