На прво место ќе дојдат афинитетите на учениците, а со тоа и подобар успех, вели Министерката за образование и наука Весна Јаневска во интервју за „Гласот на Америка“ по повод новиот Концепт за гимназиско образование.
Во однос на реакциите од наставници и професори, Јаневска вели, ќе има работа за сите наставници, според министерката реакциите се нормални бидејќи тоа се случува при секоја новина. Таа нагласува дека во моментов станува збор за драфт верзија која е ставена на јавна расправа и се очекуваат предлози од стручната фела.
– Причините за промената на концепцијата на гимназиското образование, е тоа што таа 24 години во Македонија не е променета. Целото општество се согласува дека е потребна промена и ние, заедно со Бирото за развој на образованието, понудивме Предлог концепција за новото гимназиско образование. Во оваа концепција во центарот е поставен ученикот, неговите афинитети кон одредени предмети или кон одредени полиња, области кои ќе побудат кај него интерес и желба за учење. Познато е дека, за жал, нашите ученици не покажуваат добри резултати на меѓународните, па и на домашните тестирања. Се надеваме дека со еден таков концепт учениците кои пројавуваат интерес за одредени предмети ќе покажат и подобар успех, затоа што со желба ќе ги совладуваат знаењата и вештините и компетенциите од тие предмети, наведува министерката во интервју за „Гласот на Америка“.
Министерката не ја исклучува можноста за промени во концептот, а во однос на предметите Етика и Логика тие не се укинуваат туку се дел од Филозофија.
– Во контакт сме со Бирото за образование, кое дефакто е стручното тело да создава и предлага концепти, наставни планови и програми. Немавме сериозна средба до сега, но ќе оствариме. Во првичните контакти, да ние сме расположени да направиме некакви промени. Не се укинуваат предметите. Во предметот Филозофија, со по 2 часа во 3. и 4. година, составен дел се и Етика и Логика. Ако професорите учествуваат во создавање на наставната програма, Министерството не може да им се меша во тоа што тие ќе вметнат во програмата и што ќе предаваат. Ако кажеме дека поединечно нема Етика и нема Логика да, меѓутоа има Филозофија во која може да се предава и Етика и Логика. Од тука, не гледам дека е тоа сериозен проблем. Проблемот е што тие предмети во 3. и 4. година ги ставивме како изборни, односно обврзувачки изборни предмети. Од група на шест (предмета) детето да избере два, а од друга група на 3 или 4 (предмета) ученикот да избере два предмета, на кои ќе се посвети, појаснува Јаневска.
Целото интервју на : https://mk.voanews.com/a/za-srednoto-obrazovanie-za-promenite-za-kritikite-interv%D1%98u-so-vesna-%D1%98anevska-ministerka-za-obrazovanie-i-nauka/7959657.html





