„Законодавците“ од ДУИ бараат „специјален статус“ на Инспекторатот за јазици и „да не се напаѓаат јазичните права на Албанците“!

Од Демократската унија за интеграција искажуваат вознемиреност, поради измените на Законот за инспекциски надзор, за кои сметаат дека ја загрозуваат независноста и ефективното функционирање на Инспекторатот за употреба на јазиците. Според ДУИ, ‘секој обид за намалување на независноста на Инспекторатот за употреба на јазиците ќе се смета како напад врз правата на Албанците, а посебно врз нивните јазични права, но и како чекор наназад во почитувањето на јазичната еднаквост, загарантирана со Уставот и Охридскиот договор’. – наведува ДУИ во своето соопштение“. Ова го објави ТВ 21.

Пренесувајќи го натаму соопштението на партијата на Али Ахмети, телевизијата наведува: „Овој инспекторат е клучно тело за гарантирање на спроведувањето на Законот за употреба на јазиците и за заштита на јазичните права на граѓаните. Со неодамнешните измени Собранието го укина статусот на правно лице на сите инспекторати, ставајќи ги под целосна контрола на надлежните министерства. Инспекторатот за употреба на јазиците е регулиран со два посебни закона – Законот за употреба на јазиците и Законот за инспекторатот за употреба на јазиците, кои јасно го дефинираат овој инспекторат како правно лице.“ – велат од ДУИ.

Според ДУИ, „согласно со правниот принцип дека посебниот закон има предност над општото право, овие одредби не можат да се менуваат, или да се укинуваат со општ закон, како што е Законот за инспекциски надзор“. „Затоа, Владата и Министерството за правда немаат правна основа да го стават овој инспекторат под целосна зависност на министерството и мора веднаш да се погрижат оваа институција да продолжи да функционира самостојно, како што е предвидено со закон.“ – бара ДУИ.