По бојкотот на маркетите, ќе падне ли договор меѓу трговците и производителите?!

Бојкот на маркетите и другите трговски синџири поради високите цени. Граѓаните главно велат дека ќе се воздржат од купување, барем денеска, со цел оваа иницијатива да вроди со плод.



Според првичните проценки, продажбата во трговските објекти денеска паднала за околу 40%, но официјалните податоци најверојатно ќе се знаат наредните денови, бидејќи трговците денеска не сакаа да го коментираат бојкотот. На терен се и инспекторите кои проверуваат како се однесувале трговците во изминатите денови и како го спроведуваат законот за нефер трговски практики.

Oние граѓани кои не бојкотираат, не беа расположени за коментар, зад камера велат – мора да се купи по некој основен производ. Иако се најавуваше попис, тоа не се случи. Но она што се случи, се акциите на дел од артиклите.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска апелира да се почитува Законот за нефер трговски практики и да не се злоупотребува моментот дека некоја надлежна институција не излегла на терен. Признава дека во овој период поради лимитираните капацитети не можеле да излезат на терен и дека се работи на нивно доепикирање за што денеска ќе бидат потпишани седум согласности за вработување во Комисијата за заштита на конкуренцијата.

  • Точно е тоа дека во овој период одредени институции поради лимитираните капацитети не можеле да излезат и да ги исконтролираат состојбите, но кога станува збор за пари и финансиски трансакции, се останува вечно. Тоа значи дека на пример можеме и по 12 месеци да направиме контрола и доколку утврдиме неправилности, ќе следуваат казни. Затоа апелирам до сите компании во државата да се почитуваат законите бидејки во некој момент некоја од институциите ќе излезе на терен и ќе направи контрола по што ќе следат драконски казни, изјави Димитриска-Кочоска.

Инспекцијата е на терен, а за резултатите од маркетите, Управата за јавни приходи ќе каже дополнитело.

Претседателот на Стопанската комора, смета дека дијалогот е излез за проблемот со скапотијата. Според Бранко Азески, ако нема дијалог, бојкотот ќе стане секојдневие. Азески кој рече дека поддржува сѐ што има реална основа, но дека смета дека ќе бара решение на проблемот преку дијалог помеѓу производителите и трговците кои се членки на Комората.

  • Јас сум предвесник на бојкотот, бидејќи 2 години не сум влегол во маркет, врзан сум за количката, па жена ми ги врши набавките. Но, максимално сум информиран за состојбата и сметам дека дијалогот е излез на оваа ситуација. Овој проблем не е од сега туку од порано меѓу производителите и трговците и сметам дека тоа не треба да оди на сметка на граѓаните. Тоа треба да биде знак за сериозни разговори и донесување решение, а не да биде само регистрирање на проблемот. Имаме закон кој треба да го реши тоа и  направи проблеми. Ќе бараме решение за тоа. Ќе поддржам сѐ што има реална основа, а има реална основа овде да се реагира и ќе барам да се најде решение на проблемот – рече Азески.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на настан на Комората, рече дека Владата му дава шанса на дијалогот и ќе го користи дијалогот, но очекува фер однос на трговците кон граѓаните.

  • Јас и во Собрание кажав дека не е проблем само трговијата за храна. Но истовремено детектирав и други области кои влијаат негативно на стандардот на граѓаните. Има голем број други оператори кои се однесуваат нелогично. Нелогично е исти производи кај нас да имаат повисоки цени од оние во соседството. Исто така е и со лековите и со другите производи. Некој ќе рече дека во прашање се царинските стапки, но иако се знае дека се слични, реално е да кажам дека имам разбирање за граѓаните за бојкотот – рече Мицкоски.

Мицкоски посочи и дека Владата прави сѐ за да му овозможи на бизнисот да работи подобро.

Стопанствениците пак велат дека оваа иницијатива нема да даде ефект на долг рок, затоа бараат системско решение за да нема несакание ефекти. Во очекување на бојкотот, дел од маркетите објавија намалување на цените на одредени производи, акции за потрошувачите, а некои од нив дека ќе спроведат попис.

Освен кај нас, се бојкотира и во регионот. Во Хрватска на повик на платформата „Ало, инспекторе“ се одвива најавениот бојкот на сите големи трговски синџири.