Со поддршка на ЕУ ИПА 2-програмата во ноември 2024 година почна да се спроведува проект, со кој ќе се доусогласува законската рамка за квалитетот на воздухот со европските регулативи, објави Министерството за животна средина и просторно планирање. Ова го објави информативната агенција Макфакс.
Агенцијата пишува: Во рамките на двегодишниот проект, за кој Европската Унија обезбеди 1,5 милион евра, целосно ќе се вградат европските директиви (2008/50/EC, 2004/107/EC и 2016/2284/EC) во националното законодавство, односно ќе се дополни законската рамка за воздухот. Согласно со тие директиви ќе се изработат целосно нов закон за квалитет на околинскиот воздух и повеќе подзаконски акти, односно правилници што ќе ги следат барањата на ЕУ-директивите. Со тоа ќе се обезбеди поголема уреденост на оваа област. Ќе се подготват и планови за спроведување на директивите за квалитетот на воздухот, со вклучени фискални последици за нивно спроведување.
Во рамките на проектот ќе се изработат националните плански документи за заштита на околинскиот воздух, што произлегуваат од Законот за квалитет на околинскиот воздух, во кои ќе се дефинираат и ќе се приоритизираат мерките за подобрување на квалитетот на воздухот во соработка со надлежните институции. Во исто време ќе се подобрува националниот инвентар за испуштања во воздухот и подготовка и спроведување план за следењето на тешки метали, полициклични ароматични јаглеводороди и испарливи органски сооединенија. Во согласност со зголемениот обем на мерења ќе се воспостават зони и агломерации за овие супстанции. Ќе се работи и на зајакнување на административните капацитети за нивно спроведување и со тоа подобрување на квалитетот на воздухот.





