Вевчански приказни за етиката, цените и виски за 100 денари

Писателот Дарко Лешоски раскажува приказна за Вевчани во која на специфичен начин се допира трката по заработка и етиката на трговците при формирањето на цените.



Приказната е раскажана делумно и на вевчански говор.

Ви ја пренесуваме во целост:

Пред околу година ми се фати на подолго на неколку дена да можам да сум Вевчани.
И шетав низ планина и покрај кејот од реката слегов долу. И пред да одам да ручам дома, влегов во една кафана колку да видам некој познат на кратко да испијам една да се стоплам и да одам да ручам. И нормално стандардните „присни“ и „нежни “ муабети кои се карактеристични за повеќето од нас кои сме оттаму. Без осет.
Сцената и муабетите ќе ги пренесам во буквална смисла и се реални, иако наликуваат како некоја сцена ко од Мартин Мекдона.
Ајде:

– А бе…
Ама ти се субај овде.
– Одзади да ти се субајт!
Што сакаш?
– Тури ми Џејмисон, имате овде ф село Џејмисон или не го пиете заш не е шеестипет степени, степен пред диспарвит а?
Aм не, вие Скопје пиете Џејмисон.. имат ам! Ке беше?
Бев пругоре и идев по кејон и глата ме зболе и од зеленила и од водиште пиење!
Алергичен си на убајна – само на напето сте научени и на прашина и на јурење и сега чисто и зелено – ќе те болит нормално…
– Ти реков Џејмисон да туриш – не муабет да ми прајш да кажвиш насјати сега!
Немам мрас!
-Поп да немат ко ќа те немат!
Убо бе ево дупли!
-Да си жив и здрав, одма се снаждаш куче…
Наздравје, да поможит.
-Што празник је?
Нешто е , заборајв…што е битно сега?! Пиј! Никваш не се донапил Вевчанецот – мизери!
-Дај наплати!
100 денари.
– Ме дупиш сега, плус дупли ми туре?
Да се дупниш во коризот, вам Скопјани никако не ви се погождат што ак ти турив, не мерев – ето еден од мене и што сега? Сакаш да платиш или не сега? Ако не сакаш да платиш распрај се евеј го газдата!
(Влезе газдата баш на муабетот)
Газдата: Што е сега?! Не мојт никако да ви се погодит бе вам… ни-ка-ко!
-Аман бе 100 денари ти е Џејмисонот?
Газдата: Па се мислев ај нека е 120, ама е глупо што цена е 120 ко топ шоп? И реков ќе почекам сиве без исав ко што одет сегде со цени па од малце малце да имам и ја и ќе е 150 ко ќе дофатет со вувер све!
Ја: Ама…
Газдата: Што ама бе? Железото од Украина? Што ?! Колку да е 370 ?! Па онје финтине после за деца мали еј извини немам триес, 400 колку да е?! Што ама бе Дарко колку ај кажи ? Па илјадарка е флаша пизда ви матер бе, ни илјадарка цела не е бе мајку ви јебем, па ај петсто нека е една чаша а? Важит и ти ќе ми дајш петсто и требит да ти се опуља в очи, требит да ги земам тие петсто и утре да се видиме пак? Како ќе се видиме? Како бе Дарко пичка му матер? Не како – најлесно ќе се видиме, ке сите ќе е петсто ама зошто бе зошто?! И така до бестрага! И ќа се збогата и што ак се збогата бе Дарко?! И кур на чело ќе ми порастит ак се збогата? Ај кажи ми? Или дека железото од Украина е сето за арматура и мораме и мие Џејмисонов така?
Шанкерот: Што ти е тва на челото – дој поблизу малу чек…
Газдата: Доста бе ти оди донеси мрас ајде и тури ми и мене еден…
Шанкерот: Повели газда, 270, ама ај ко за вас двајца- двеста за двата!
(пауза)
Газдата: Како сте Даре Скопје? Стаса петиљади евра квадрат или не е уште? Малце немате воздух, малце немате вода, малце ѓубре, ама ти се небитни ствари така… Џејмисонот е четрсто петсто колку е? Ама небитни ствари се тие така?
Ја: (се смеам): Не е уште пет ама е натака… него, имам и ја нешто на челово а?
Газдата: Не, уште не… ама како сме кинисати – сите ке имаме и од што сме глупи ке сакаме секој од нас само поголем да имат, ај наздравје!
Шанкерот: А бе ради Ковидов Даре знајш, башка железово е од Украина сето… и ето немам ни мраз сега у пичку матер!
Двајцата: Поп да немат!

(доволно)

Вакви сопственици јас за вољја на вистината познавам и во Скопје и во Охрид (како некој репер за скапотија). Во ова „нормално“ време тие се „ненормални“. Ја зедов намерно најлуксузната стока како ситуација за пример – алкохолот.
А камо за основното? За основно постоење ли треба да се дебатира? За маркет? За скромен ручек во ресторан? За ултра маржи на најосновни работи? Човековото постоење и благосостојба најчесто зависи од економијата, ама ни приближно толку колку што зависи и од етиката и од човечноста. Од она што не прави цивилизација. А етиката е најблиску до човечноста и според мене (овде етички исто сам во случајов треба јас да се извинам за огромната количина пцуење кое го задржав поради веродостојноста и сликовитоста на вистинската сцена), етиката, а особено на Балканот (што не значи дека не во многу земји) мислам дека треба да се изучува задолжително од прво одделение па до крајот до крајот на задолжителниот образовен процес.
Голем дел од состојбите кои се случуваат и кај нас и во регионот, а и во светот не би се случиле доколку сме учеле прописно и строго етика како што треба и ланецот на реакции кои произлегуваат од нејзиното занемарување во било каков однос.
Познавам многу чесни и трговци и сопственици на маркети и на ресторани, на секакви бизниси кои се навистина коректни и ми е искрено криво што истите ќе го платат данокот на голем дел кои тоа не се. А голем дел не се поради тоа што не се етични. А не се етични поради тоа што не се образувани.
Во крајна линија ако сакате – лоши се затоа што се прости.
Злобен си или алчен си затоа што си прост, неосветлен, неосвестен.
Јас и поради припадноста на едно „друго време“ за кое сум благодарен сум што е тоа така и на околината во која сум воспитуван и вредностите на оние кои ми служеле како пример, а и поради архитектурата на душата (за која сум си благодарен себеси зошто сам требало и сам сум си ја градел – со својата љубопитност и своето себе-образование), никогаш нема се импресионирам од еден Џеф Безос или од еден Елон Маск на пример, (да, мислам дека поради неговата „необразуваност“ да речеме Вевчани после неколку Џејмисона би можел многу лесно да загине доколку се најде во еден таков сетинг и му кажат на тоа хипертрофирано его што би рекол покојни д-р Чепреганов (<3): - Елон ај се кладиме не мојш да си порв на Марс? Ево ти сам - ај се кладиме не мојш да си порв!) Да, мислам дека лесно би загинал ако му е ракетата надвор паркирана, а со цел да покаже кој е и што е. Моќ која треба да се потврди како моќ - не е моќ! Богатење со договорени високи цени не е богатство, тоа е земање од сопственото здравје и од здравјето на своите идни поколенија. Тоа е земање од здравјето на наставничката или наставникот кои треба да ви ги учат вашите деца, од медицинската сестра која треба да ви ја лекува вашата сопруга, од здравјето од нејзините деца кои можеби се најдобри другари, другарки или симпатии и први љубови од вашите деца, од братучедите или пријателите кои треба да ви ги бришат солзите од очите кога некој вам драг ќе ви замине и сите пари на светов не вредат ништо, од здравјето на болничарот кој треба да ви го менува катетерот кога простата ќе ви престане да се импресионира од вашата банкарска сметка. На ниедна мината, ниту сегашна, ниту идна власт не е и улогата да не очовечува - напротив, ние треба власта да ја очовечуваме. Нема поголем пораз за секој еснаф кога и власта и опозицијата се против тебе, а инспирирани од оние за кои ти всушност и постоиш, муштериите. Сценарио комично и надреално дури и за најлош соц сценарист од Сталиново доба на комедии. Никогаш нема да ме импресионира зборот „ербап“. Зборот „алал“ секогаш. Сигурен сум дека има многу трговци кои се многу чесни и голем дел од нив донираат и даваат онаму каде сметаат дека за тоа е најпотребно, застанете на страната на вашите потрошувачи и кажете ги на глас оние кои ве уценуваат и вас и нас, заштитете се и вие и нас и така ќе ја добиете најголемата, најдобрата и најскапата реклама која ниеден маркетер не може да ви ја обезбеди. Наклоноста наша. Ниту моќ ниту богастство, а ниту памет и интелегенција да бидам искрен, ќе ме импресионираат како човечност и достоинственост. Секогаш ќе се импресионирам од анонимни студенти по метро линиите низ Санкт Петербург кои носат маички со ликот на Гриша Перелман ( Григориј Јаковлевич Перелман) . А под неговиот лик натпис: „Не е сѐ на продажба!“ За крај, дефетизмот по однос на секоја линија на “изговарање на нештата со вистинско име“ и превземање на акција за подобрување на истите за мнозинството, за мене лично е неприфатлив како дефетизам. Сепак доаѓам од една генетика, околина и „ линија на маестрални лудаци“ за кои и Југославија некогаш не била нешто непроменливо на кое му се се плашеле, а камо на детско и недовршено „трговачко“ поведение и образование. Доаѓа Велигден, Македонија има доминантно религиозно население. Совет: Кога ќе ви седне на рамото оној кој е мераклија на профит и брзо богатство и ќе ви шепне „зашто не малце ето така… а?“ Нека ви текне на многубројните фрески низ црквите од земјава каде Исус ги растура тезгите и мава со клоци по јагнињата од пазарот пред храмот. Веројатно тоа е единственото негово „насилничко“ и „девијантно“ однесување опишано во евангелијата. Нека ви објаснат поповите и монасите зошто, кога веќе наставниците по етика не успеале, а и нема да можат веројатно и на идните генерации. Јас, знам зошто... Лека ноќ!