Граѓаните обединети, газдите воздржани – се спрема бојкот на алчните трговци

„Стоп за високите цени на храната по маркетите,стоп за огромниот профит на поединци врз грбот на народот. Да се здружиме сите заедно бидејќи нема кој да не заштити“, оваа е главната порака на која ќе наидене на Фејсбук групата: „ БОЈКОТ! СТОП ЗА ВИСОКИТЕ ЦЕНИ НА ХРАНАТА!



По бојкотот на маркетите во регионот, расте незадоволството и во Македонија од високите цени на храната. Граѓаните на социјалните мрежи повикуваат на еднодневен бојкот во петок, 31 јануари. Владата со поддршка на иницијативата. Премиерот Христијан Мицкоски има разбирање за проблемот поради високите цени, по примерот на Хрватска.

Регираат и од СДСМ. Повикуваат Владата да донесе мерки за заштита на граѓаните кои ги нуди опозицијата.

И од Организацијата на потрошувачите на Македонија ги поддржуваат граѓаните за бојкот на маркетите. Бизнисмените пак, дистанцирани. Велат, со овој чекор, не може да се постигне ништо, оти било само еден ден.

Извршната директорка на „Фајнанс Тинк“, Благица Петрески во Аргумент плус рече дека бојкотот на маркетите е еден вид притисок што се очекува да даде резултати бидејќи цената на производите се формира врз основа на влијанието од побарувачката. Според неа, замрзнувањето на цените во одредени периоди дава кратки ефекти кои доведуваат до повторно зголемување или враќање на цените на производите. 

  • Бојкотот треба да претставува сигнал и за добавувачите и за маркетите бидејќи купувачите  имаат механизам кој може да изврши влијание на вкупната побарувачка така што можеби може тој бојкот наместо да биде севкупен туку да се таргетираат трговци кои се идентификувани како нефер играчи на пазарот“, изјави Петрески.

Таа рече дека и покрај бојкотот ние имаме уште неколку механизми кои може да ги употребиме. Еден  од нив е законот за нефер трговски практики кој како што вели таа е можеби најдобра алатка за да се спречат ваквите појави.

  • Законот за нефер трговски практики е алатка за корекција бидејќи понекогаш не е добро да се ставаат сите трговци во еден кош туку потребно е законски да се казнуваат оние што не се фер играчи. Другите два механизми се јакнење на свеста на граѓаните за пријавување на нефер трговските практики и за бојкот и блокади на оние учесници кои прават манипулација на системот“, додаде Петрески.

Инаку, во Хрватска минатата недела започна бојкот на продавници, трговски синџири и бензински пумпи поради постојаното зголемување на цените. На 31 јануари, освен во Македонија, бојкот на трговските објекти е најавен и во Босна и Херцеговина и Црна Гора.