Трамп посакува и трет претседателски мандат!?

 

Старо-новиот американски претседател Доналд Трамп предизвика нова полемика со изјавата дека „не е 100% сигурен дека не смее да се кандидира за трет мандат“.



Ова не е првпат Трамп да навести можност за трет мандат. На неодамнешниот митинг во Лас Вегас, Невада, тој изјави: „Најголема чест во мојот живот би било да служам не еднаш, туку двапати или три пати“, дополнително подгревајќи ги шпекулациите за неговите идни политички планови.

Републиканскиот претставник Енди Оглс од Тенеси претходно предложи измена на Уставот на САД за да му се овозможи на Трамп трет мандат.

Сепак, измената на Уставот е исклучително сложен процес. За формален предлог би било потребно двотретинско мнозинство во двата дома на Конгресот – што во моментов им недостасува на републиканците – или свикување уставна конвенција, што не се случило од 18 век.

За ратификација е потребно одобрение од три четвртини од сојузните држави односно од 38 сојузни држави.

Во САД претседателот може да се кандидира најмногу два мандати. Ова е пропишано со 22-от амандман на Уставот на САД, кој беше усвоен во 1951 година.

Според тој амандман, ниту едно лице не може да ја извршува функцијата претседател повеќе од два пати, односно вкупно осум години.