Мицкоски: Имам разбирање за акцијата за бојкот на маркетите, институциите ја следат состојбата и реагираат навреме

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ја разбира најавената акција на граѓаните за бојкот на маркетите в петок, 31 јануари. Тој напомна дека одамна зборувал за однесувањето на поединци во овој бизнис, оти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат високи профити. Премиерот рече дека веднаш ќе се обрати до соодветните институции да преземат мерки, одговарајќи на новинарско прашање дали е точно дека дел од производителите се уценувани од големи синџири на маркети, кои се обидувале да го изиграат Законот за нефер трговски практики, давајќи им договори со маржи од 10 отсто, а потоа нуделе специјални договори со маржи и до 45 проценти. Тој дополни дека институциите ги следат состојбите и оти навремено реагираат.



„Лично, имам лично разбирање за оваа акција на граѓаните. Тука не треба да имаме никаква дилема. Од самиот почеток зборувам за однесувањето на поединци во овој бизнис и дека на шпекулативен начин се обидуваат да создаваат високи профити. Институциите, пазарниот инспекторат ја следат состојбата и навремено реагираат.“ – нагласи Мицкоски на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе ја поддржи иницијативата на граѓаните за бојкот на маркетите во петок оваа недела.

Запрашан и дали е точно дека дел од производителите се уценувани од големи синџири на маркети, кои се обидувале да го изиграат Законот за нефер трговски практики, давајќи им договори со маржи од 10 отсто, а потоа нуделе специјални договори со маржи и до 45 проценти, Мицкоски кажа: „Од овој момент кога ќе ја напуштам оваа прес-конференција ќе се обратам до соодветните институции веднаш да преземат мерки.“

Од утринава меѓу граѓаните на општествените мрежи се шири иницијатива за бојкот на маркетите овој петок, 31 јануари, поради високите цени на производите, по примерот на Хрватска.