„Mакедонскиот јазик е суштина на македонскиот ентитет и идентитет. Македонската реч, уметничка и научна – отвора нови хоризонти и освојува нови универзуми. Македонскиот мелос, фолклорот, историјата, археологијата – се нашите скапоцени и непресушни извори. Чест е да се биде покровителка на Петтата зимска школа на УКИМ, којашто е претставник на врвната филологија и културологија.“ – порача претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска-Давкова во своето видео-обраќање по повод Петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, која започна вчера, на 27 јануари, и ќе трае до 1 февруари 2025 година. На Петтата зимска школа ќе се одбележи осумдесетгодишниот јубилеј на македонската азбука и македонскиот правопис. Ќе се чествуваат и великаните на македонската книжевност и култура – Григор Прличев (по повод 195 години од раѓањето), Константин Миладинов (195 години од раѓањето), Анте Поповски (70 години од првата стихозбирка), Ташко Георгиевски и Живко Чинго (90 години од раѓањето).
Во видео-пораката, која ја објави на својот официјален фејсбук-профил, претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска-Давкова истакнува: „Петтата зимска школа е расадник на светската македонистика преку која студентите, професорите, научните истражувачи, македонистите, филолозите, културолозите од странските универзитети во светот, имаат можност да ја растат и да ја развиваат македонистиката, да ги усовршуваат македонскиот јазик, литература и култура. Македонскиот јазик е суштина на македонскиот ентитет и идентитет. Македонската реч, уметничка и научна – отвора нови хоризонти и освојува нови универзуми. Македонскиот мелос, фолклорот, историјата, археологијата – се нашите скапоцени и непресушни извори што ги споделуваме со вас.
Честитки за сета вложена енергија во подготовките на Петтата зимска школа со богати програмски содржини и квалитетна настава којашто ја одржуваат реномирани предавачи и лектори на УКИМ.“
Инаку, Во Петтата зимска школа (преку интернет, на далечина) на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) учествуваат голем број македонисти, од 18 земји од светот: Австралија, Албанија, Бугарија, Италија, Монголија, Народна Република Кина, Полска, Романија, Руската Федерација, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка. Семинаристите ќе работат во две секции: македонски јазик (на три рамништа: почетно, средно и напреднато) и македонска литература и култура (со преведувачка работилница за поезијата на Анте Поповски, од која ќе се објави зборник „Анте Поповски – на океан од јазици“).
На отворањето вчера се обратија претседателката Силјановска-Давкова, којашто е покровител на школите на Семинарот, ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова и директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура проф. д-р Кристина Николовска. Ректорката Ангелова наведе дека е од исклучителна важност големиот интерес за изучувањето на македонскиот јазик, со што се негува неговото постоење и се афирмира во светски рамки.
Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ досега има одржано 57 летни школи и четири зимски школи, на кои зеле учество повеќе од 4300 лица од повеќе од 60 земји во светот, еминентни македонисти, филолози, слависти, балканолози, професори, научни работници, студенти по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети, преведувачи и афирматори на македонистиката. Меѓународниот семинар при УКИМ развива дејност на 11 лекторати по македонистика во девет земји на странските универзитети, каде што е забележан голем интерес од страна на студентите.
Home Македонија Силјановска-Давкова по повод отворањето на Зимската школа на МСМЈЛК: Македонскиот јазик е...





