Власта бара начин како болниците, училиштата, јавните претпријатија да плаќаат поевтина струја. Некои не знаеле како да набавуваат електрична енергија и натрупале огромни долгови зашто не избрале снабдувач, па завршиле кај снабдувачот во краен случај за 50% поскапо. Без оглед на причините кои довеле до таа состојба, меѓу кои е и недомаќинското работење на дел од нив, ќе се преземат мерки за да се заштитат.

Болници, училишта и комунални претпријатија бараат да им се помогне со сметките за струја зашто натрупале огромни долгови, бидејќи се снабдувале од универзалниот снабдувач во краен случај. Повикаа и тие да станат дел од регулираниот пазар како домаќинствата. Власта вели, се прават анализи за да се стигне до системско решение за овие непрофитни институции, кои би можеле да влезат во една балансна група, но, дел од проблемот, според министерката лежи во тоа што овие институции не знаеле како да купат струја.
Властите се запознаени со ваквите пракси на дел од институциите кои се на локално ниво или се под централната власт, и велат дека се работи за субјекти кои немаат редовен добавувач на струја и купуваат од ЕВН но по драстично повисока цена. Законскиот рок за ваков тип на набавка е до три месеци, а констатирано било купување на електрична енергија на овој начин многу подолго време, но санкција за одговорните лица во тие институции засега нема.

- „Ние сме свесни за овој проблем. Тоа го забележавме уште на крајот на минатата година. Тоа се непрофитни организации како училишта и болници,но и комунални претпријатија кои имаат енормни сметки за струја. Тие можеби од незнаење и од немање стручен кадар не избрале снабдувач, па купувале од снабдувачот во краен случај. И самите не се запознаени од последиците во непостапувањето, а друга работа е што се оставени на ризик на берзата,“ вели Сања Божиновска, министерката за енергетика.
Индексирањето на цените за набавка, според ценовниот сигнал на МЕМО ќе овозможи транспарентност, флексибилност, намалување на ризикот, но и конкурентност на пазарот, вели првиот човек на МЕМО.

И додека државните фирми повторно бараат милост од Владата, големите приватни компании кои се на отворениот пазар и електрична енергија ја набуваат од берзите еден мегават час струја плаќаат и до 200 евра.
Институциите и компаниите при јавната набавка на електрична енергија со договорите за снабдување да индексираат според податоците од македонската берза, пазар ден однапред, а не како досега според странските берзи, е заклучокот од денешната средба меѓу ресорната министерка, Бирото за јавни набавки и националниот оператор на електрична енергија, МЕМО.





