Белорускиот претседател кој владее три децении, го освои седмиот мандат на избори каде што немаше вистинска конкуренција.
Државните медиуми објавија дека 70-годишниот Лукашенко, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, според излезните анкети освоил 87,6 отсто од гласовите.
„Според резултатите од истражувањето, 1,8% од испитаниците гласале за претседателскиот кандидат Олег Гајдукевич; Ана Канопатскаја – 1,6%, Александар Лукашенко – 87,6%. Сергеј Сиранков добил 2,7% од гласовите, Александар Хижњак – 1,2%, против сите – 5,1%“, објави Првиот информативен ТВ канал на Белорусија.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас и еврокомесарката за проширување Марта Кос во заедничка изјава ги нарекоа изборите во Белорусија како лажни и рекоа дека тие не се „ни слободни, ниту фер“.
На прес-конференција во Минск, Лукашенко изјави дека не сакал повторно да се кандидира на избори, но нема друг излез – народот го барал.
Политичарот рече и дека не го интересира ставот на Европската унија за непризнавањето на „изборите“.
Александар Лукашенко владее со Белорусија од 1994 година. Годинава немаше ниту еден значаен опозициски кандидат на гласачкото ливче, а повеќето од претставниците на политичарите отворено го поддржаа Лукашенко.






