Петнаесеттото место на 29. Светско првенство во Хрватска, Норвешка и Данска не е најдобриот мундијалски пласман на машката ракометна репрезентација на Македонија, која во Катар 2015 беше деветта, во Хрватска 2009 заврши 11., а во Шпанија 2013 го освои 14. место. Уште помалку може да се споредува со петтото место на Европското првенство во Србија во 2012 година.



Тие пласмани, сепак, беа изборени со еден од најдобрите десни бекови во историјата Кирил Лазаров како неприкосновен лидер на теренот. Сегашното позиционирање во првата половина меѓу 32 селекции, пак, го оствари вториот најмлад состав на годинашниот планетарен шампионат и со Кире како селектор.

Вредноста на сегашниот пласман не е во местото во конечниот поредок, туку во настапот, во прикажаното во Вараждин. Македонија играше модерен ракомет, со многу трчање, со брз центар, комбинаторно и атрактивно, наспроти здодевниот ракомет со долги, позициски напади и бавно враќање во одбраната што ја „красеше“ во минатото.

За тоа најголемата заслуга ја има Лазаров, кој е виновникот и за зголемената самодоверба и негубењето глава кога противникот ќе се одлепи резултатски, како порано. Неговите избраници не покажаа (преголем) респект кон ривалите со поголемо реноме и само на нивната младост се должи недобивањето на добиениот натпревар со Унгарија и спасувањето од пораз по константната предност против Австрија. А токму младоста им беше адутот против поранешниот светски вицешампион Катар во најдобро одиграниот меч на првенството. Без судискиот грабеж против Холандија, и крајниот дострел ќе беше поголем.

Македонија на ова СП доби вистински лидер во Филип Кузмановски, кој го заокружи настапот со делба на првото место на листата на стрелците, како и потврда на квалитетот на Марко Митев, за кој се грабаат германските бундеслигаши. Тоа никогаш не било спорно за Никола Митревски, а Марко Кизиќ се наметна како достојна замена, исто како и младиот Иван Галевски, кому за тоа му беа потребни само неколку минути против Франција.

Иако е неблагодарно да се издвојуваат поединци, тоа мора да се стори и за кружниот напаѓач Жарко Пешевски, како и за десното крило Ненад Костески и за десниот бек Мартин Велковски. Тука не завршува списокот на тие со позитивен ефект, на кои треба да се смета и во иднина.

А иднината на македонскиот репрезентативен ракомет е светла и поради надоаѓачкиот бран на (супер)таленти од младинската селекција, деветта на СП 2023 во Хрватска и на ЕП 2024 во Словенија, каде што стана прв национален тим на Македонија што ја победил Франција! Помладиот брат на Митев, Дамјан, заедно со Галевски, Брестовац, Димковски, Стојановски, Димевски, Узунчев, Ристевски и другите се дијамантите што со правилно брусење ќе блескаат уште многу години отсега.

Новото раководство на Ракометната федерација на Македонија што ќе ја наследи (исклучително) успешната екипа на Живко Мукаетов има лесна задача. Треба само да го задржи Лазаров на клупата, кој во Хрватска бездруго ги разубеди и најупорните критичари, за да продолжи да жнее успеси на следните големи натпреварувања. Заедно со „македонската фаланга“ и со генерацијата до 20 години како свежа крв, тоа е рецептот за нови радости на љубителите на ракометот во Македонија во деценијата пред нас.