Откако вчера изгоре автобус во населбата Сопиште, Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје започнува истрага за можни саботажи на нивните автобуси,
Ова за медиумите го изјави директорот на ЈСП, Драги Кушовски, според кој дека претпријатието веќе има одредени сознанија во врска со овие инциденти.
„Имаме одредени сознанија. Да видиме дали тие сознанија ќе ни се потврдат или не. Дали можеби некој намерно или ненамерно, од разни нему познати причини, може да придонесува за вакви инциденти кои се случуваат повеќепати“, изјави Кушовски за Телма.
Ова е трет случај во последните шест месеци.
Во јули минатата година, автобус на ЈСП се запали во скопската населба Бутел, при што како причина беше утврдена дефектна електрична инсталација. Неколку недели претходно, друг автобус настрада во пожар на Железничката станица.






