Прометот во Хрватска вчера паднал за 34 милиони во однос на четвртокот, ден пред бојкотот

Хрватската даночна управа ги објави податоците за фискалниот промет во текот на вчерашниот ден, кога имаше бојкот на продавниците во оваа земја, како чин на изразување незадоволство од високите цени.



Во текот на вчерашниот ден, во продавниците биле издадени нешто над три милиони сметки, што е за речиси два милиони фактури помалку од минатиот петок, на 17 јануари, кога беа издадени 4,94 милиони сметки, објави 24сата.хр. Според тоа, вчерашниот број на фактури во однос на минатиот петок е помал за 29 отсто, додека износот на фактурите е помал за 36 отсто.

Вчера е купена стока вредна само 52 милиони евра, што е за речиси 34 милиони помалку од на пример во четвртокот кога потрошувачите се подготвуваа за денот на бојкотот и потрошија 85,7 милиони евра. Во однос на средата вчера потрошиле 23 милиони евра помалку.

Како што соопштија од даночната управа, вчера вкупниот број на фискални фактури во сите сектори изнесува 5,09 милиони фактури, додека вкупниот износ на фактури изнесува 78,37 милиони евра. За споредба, минатиот петок, на 17 јануари, вкупниот број на фактури беше 7,19 милиони додека вкупниот износ на фактурите беше 121,89 милиони евра.

Според тоа, вчерашниот број на фактури за малопродажба во однос на минатиот петок е помал за 44 отсто, додека вкупниот износ на фактури е помал за 53 отсто..

Владата уверува дека ја разбрала пораката на граѓаните и најави дополнителни антиинфлациски мерки. Во меѓувреме, во Хрватска се споменува можноста за обновен бојкот.

„Ова е важна и артикулирана порака до граѓаните да ги следат и споредат цените и да сметаат дека некои од овие цени се неприфатливи во споредба со слични или идентични производи таму. Пораката од граѓаните е важна и ќе биде земена предвид при дефинирањето на мерките за административно ограничување на цените на одредени производи, кои Владата ќе ги донесе следната недела“, рече премиерот Пленковиќ.

Дури и денешните податоци до 11 часот, што ги објавија властите зборуваат дека бројот на сметки е намален за 15 отсто, а вредноста за 20 отсто, во однос на минатата сабота.