По второто коло од главната фаза, во кое Македонија го совлада Катар со 39:34, Франција ја победи Холандија со 35:28, а Унгарија беше подобра од Австрија со 29:26, шансите на „црвено-жолтите“ за прв пласман во четвртфиналето на светските првенства во ракомет се сведоа на симболични, но, какви-такви – постојат.
За историски исчекор е потребно в сабота од 20:30 часот да се совлада Франција, која веќе е меѓу осумте најдобри, а претходно од 15:30 ч. Австрија да ја победи Холандија и од 18 ч. отпишаниот Катар да ја изненади Унгарија.
Пред разврската во групата во Вараждин најблиску до елиминациите се Унгарците како втори со 5 бода, три помалку од Французите, Македонците и Холанѓаните имаат по 4, Австријците 3 и на дното се Катарците без бодови.
Во досегашните осум учества на планетарните шампионати својот најдобар пласман Македонија го оствари во Катар 2015, кога го освои деветтото место.






