Таткото на Јане Ченто по неговото враќање во Шутка: Не им се плашиме!

„Ова е политички процес, наметнат исто како што на неговиот прадедо му беа наметнати измислици. Не им се плаши ни тој, ни јас, никој не им се плаши од семејството. Ние стоиме на тоа и секогаш ќе бидеме први во редовите за Македонија“, изјави Коле Спиркоски, татко на Јане Ченто за порталот „Инфо компас“ од Прилеп по денешното враќање на неговиот син од полицијата во истражниот затвор во Шутка.



На правнукот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, и еден од обвинетите за настаните од 27 април минатата година, утрово повторно му е активиран затворскиот притвор со објаснување дека го прекршил домашниот притвор. Татко му го демантира тоа.

„Утрово во 8:30 часот пристигна полицијата да провери дали мојот син е тука. Дојдоа, проверија, тука беше. Потоа дојдоа инспектори, јас заминав на работа, но тие останаа и потоа го вратиле во Шутка. Наводно, не се придржувал до препораките на Судот. Но, ние имаме снимки дека тој не е излезен од тука и ќе молам да докажат како се известени дека тој го напуштил домашниот притвор. Наводно, бил излезен на 30 март од 11:10 до 11:40 часот. Имаме камери, може да се види снимката, гарантирам дека во тој период тој беше дома. Портата е отворена, можеа да влезат, да заѕвонат и да видат дали тој е тука или не“, изјави Спиркоски пред својот дом во Прилеп.

Јане Ченто беше приведен на 29 ноевмри, а околу месец и половина беше во куќен притвор.

Со образложение за прекршување на домашниот притвор, во Шутка е вратен и поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков.