Во текот на целата 2024 година, Системот за брзо известување за небезбедна храна и храна за животни на ЕУ (RASSF), испратил вкупно 23 нотификации, од кои 13 се однесуваат на небезбедна храна по потекло од Македонија, а останатите се поради увоз на небезбедна храна, пишува Плусинфо.
Станува збор за 9 алерт нотификации што значи дека небезбедната храна веќе била пласирана на пазарот, 8 нотификации се однесуваат на одбиена пратка од граница, 3 се информации за проследување и 3 се информации за внимание. Според категоријата на небезбедниот производ доминира категоријата храна од неживотинско потекло, овошје и зеленчук од примарно производство и конзервирана – преработена храна и небезбеден материјал кој доаѓа во контакт со храна од неживотинско потекло. Во однос на видот на засегнатата храна станува збор за небезбеден производ од примарно производство, свежи моркови, пиперки, печурки, зелка, конзервирани производи од примарно потекло, органско какао, млечни чоколадни барови, семки од кајсија, замрзнати лижавчиња, пилешки копани, крвна смеса за прасиња – велат од АХВ за порталот.
Во 2024 година за определување присуство на резидуи од пестициди лабораториски се испитани 170 мостри. Добиени се 8 позитивни мостри на одредени резидуи од пестициди за производи како што се бабури, пиперки, грозје, кафеав ориз, моркови и корнишони, земени од скопскиот, кумановскиот и од струмичкиот регион.
Од Агенцијата велат дека генерално граѓаните во земјава јадат безбедна храна, иако инциденти со храна од домашно производство или од увоз, секогаш се можни.
– Реализираните контроли во 2024 година во внатрешниот промет и при увоз (117.465 контроли), ветуваат дека не само што ќе се достигнат, туку и ќе се надминат лани реализираните 125.909 контроли на операторите со храна во земјава и на пратки кои се увезуваат и транзитираат низ државава. Внатрешниот промет на храна од неживотинско и животинско потекло, од почетокот на 2024 година заклучно со ноември е покриен со реализирани триесеттина илјади контроли кај оператори во рамки на редовните, вонредните и реализирани контролни надзори. Како небезбедни уништени се педесеттина тони храна. За утврдените недоследности издадени се околу 2.000 решенија за нивно отстранување, а изречени се и приближно 300 парични казни – велат од Агенцијата.
Инспекторите за храна на граничните премини, како небезбедни, лани вратиле или уништиле 7 пратки со над 74 тони небезбедна храна од неживотинско потекло.
Што се однесува на контролите на официјалните ветеринари на граничните премини, при увоз на храна од животинско потекло, добиточна храна и увоз на живи животни во 2024 година, 14 од пратките биле небезбедни. Вратени се 9, а уништени се 5 пратки од увоз.
Извор :https://plusinfo.mk/pesticidi-bile-na-deni-i-vo-piperki-groz-e-morkovi-i-pokra-kontrolite-na-raftovite-se-protnuva-nebezbedna-hrana/





