Филип Кузмановски ѝ донесе на Македонија реми 29:29 против Австрија во Вараждин со гол од „половина терен“ на истекот од времето во натпреварот од првото коло во главната фаза на 29. Светско првенство за ракометари во Хрватска, Данска и Норвешка.
Македонскиот капитен, кој го почна вториот круг на мундијалот како прв стрелец и лидер во категоријата голови плус асистенции, на тој начин со својот четврти гол во мечот надомести за нереализираниот седмерец за водство на почетокот од претпоследната минута.
„Ни се врати на некој начин она со Холандија“, прокоментира голманот Никола Митревски за лудиот финиш во кој прво Лукас Хутечек ги доведе Австријците на прагот на триумфот со погодокот четири секунди до крајот, пред точка на резултатот да стави Кузмановски.
„Мора и ние еднаш среќа да имаме“, дополни средниот бек Марко Митев, најефикасниот во македонскиот тим со 6 гола од 8 удари.
„Му благодарам на Бога. На крајот, ако не победа, барем изборивме реми и среќни сме поради тоа“, заклучи десното крило Ненад Костески, кој ги реализира сите три обиди кон австрискиот гол.
Македонија го диктираше темпото во првото полувреме, во два наврата имаше и три гола предност (7:4 и 10:7), но Австрија замина на паузата со водство од 14:13.
Во вториот дел Австријците беа повеќе во позитива, но Македонците имаа 27:26 за нив пред разврската за инфаркт во вараждинската арена.
Кружниот напаѓач Жарко Пешевски заврши како втор стрелец во составот на Кирил Лазаров со 5/6, а Иван Џонов имаше 3/3.
Со два бода во главната фаза „црвено-жолтите“ ќе останат претпоследни во групата 2 пред дуелот со Катар в четврток од 15:30 часот.






