Во Уништената зелка во Хрватска од Македонија била откриена штетна хемикалија најверојатно набавена на црн пазар

Во свежата зелка извезена од Македонија, за која беше наредено да се уништи во Хрватска, била откриена штетна хемикалија, која најверојатно била набавена на црн пазар и е забранета за употреба во Македонија, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за Плусинфо.



– За случајот за пратката со зелка на 17.01.2025 година АХВ (Агенцијата за храна и ветеринарство) доби известување дека е уништена на граничниот премин во Хрватска. Причина за уништување на пратката е присуство на резидуи од пестицидот со активна супстанца имидаклоприд (imadaclorprid). Тоа е системски инсектицид кој припаѓа на класата хемикалии наречени неоникотиноиди кои делуваат на централниот нервен систем на инсектите. Според информациите со кои располагаме, овој инсектицид не се користи веќе во Македонија, а истиот е изгледа набавен на црн пазар – велат од Министерството за земјоделие, пренесува порталот.

Оттаму додаваат и дека за овој случај се преземаат соодветни чекори, односно, дека Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) треба да го утврди извозникот и за која пратка станува збор.

– Кај извозникот на таа пратка, фитосанитарниот инспектор ќе спроведе инспекциски надзор со цел да се утврдат производителите од кои е откупена контаминираната зелка. ДИЗ ќе спроведе вонреден инспекциски надзор кај сите производители од кои потекнува зелката за да се утврди кој производител користел нерегистриран инсектицид. Кога ќе се утврди производителот, тогаш на истиот ќе му се изрече соодветна прекршочна мерка. За преземените мерки ДИЗ ќе ги информира Фитосанитарната управа и Агенцијата за храна и ветеринарство. Врз основа на информациите што ќе ги добие АХВ ќе информира – рекоа од Министерството.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, велат дека се залагаат за тоа во Македонија да се произведува здрава и безбедна храна според највисоките стандарди, а за секој кој нема да се придржува до процедурите ќе следува соодветна глоба.

Извор: https://plusinfo.mk/ko-seel-shtetna-zelka-e-zhnee-prekrshochna-kazna-vonreden-inspekciski-nadzor-za-zelenchukot-shto-beshe-unishten-na-hrvatskata-granica/

Фото: Илустрација