Гркинка, службеник во Обединетите нации, надлежна за управување со фондови на организацијата, обвинета е дека за седум години проневерила над еден милион долари, објавија грчките медиуми.
Грчки „Катимерини“ за случајот, што се однесува на периодот од 2014 до 2021 година, објавува дека стигнал до грчкото обвинителство по извештајот на надлежните органи на ОН, кои првично се обратиле до Европското јавно обвинителство, кое предметот го проследило до Грција, бидејќи присвоените суми не се однесуваат на европските фондови и со тоа предметот не спаѓа во надлежност на европскиот обвинител.
Вработената, која била на важна позиција, наводно изготвувала извештаи за трошоци со лажни документи, присвојувајќи големи износи, односно над еден милион долари.
Истрагата започнала по случајна проверка, а вработената наводно ги негирала обвинувањата, тврдејќи дека е жртва на нејзините претпоставени.






