На 12 април нова средба Димитров – Коѕијас во Скопје!?

Прашањето за името ќе се најде „на маса“ денешниот состанок на кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас, јави агенцијата АНА-МПА според која ќе се разговара и за економски прашања, но и за напрегнатите турско-грчки односи.



Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас вчера ги започна брифинзите со политичките партии за „напредокот“ постигнат во разговорите во Виена минатиот петок.

Тој вчера се сретна со лидерот на Комунистичката партија и со идерот на партијата „Потами“, по која Ставрос Теодоракис изјави дека „идната недела ќе биде клучна за разговорите за прашањето на името’.

Иако брифинзите се во тек и во Аина и во Скопје, грчки медиуми, веројатно поведени од изјавата на Теодоракис, утрово пишуваат дека министрите Никос Коѕијас и Никола Димитров ќе имаат нова средба на 12 април во Скопје.

„На 12-ти месецов се очекува да се сретнат во Скопје двајцата министри, според сигурни извори. Да потсетиме дека господинот Коѕијас рече дека на следната средба веројатно и ќе се направи големиот чекор“ објави грчката ТВ Алфа.

Извори од македонското МНР, за МИА, пак, велат дека се уште не е одреден термин за нова средба на Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Македонскиот премиер Зоран Заев, вчера рече дека е можна и лидерска средба со колегата Алексис Ципрас по Велигден.