„Поцрнетиот“ Мерко, веќе „благословен“ од Стејт Департментот, сега и тој ги „благословува“ САД во честитката до Трамп!

Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, само два часа по изборот на Доналд Трамп за нов претседател на САД, побрза да му го честита изборот со зборовите „Господ да ја  благослови Америка“.Честитката на Мерко, која е објавена на неговиот профил на фејсбук и на официјалната страна на Општина Струга, се случува во момент кога Мерко речиси две години се наоѓа на американската ‘Црна листа“. Тоа беше причина македонските правосудни органи да процесуираат неколку обвиненија против него, поради злоупотреба на службената положба и овлстувања. Ова го објави ТВ Алсат.



Натаму телевизијата пишува: Мерко беше ставен на „Црната листа“ на САД во времето на претходната администрација на САД на чело со Џо Бајден. Според Вашингтон, Мерко бил вмешан во значајна корупција и како градоначалник на Струга злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси, наштетувајќи ѝ на довербата во демократските институции и функционери.

Од ВМРО ДПМНЕ во Струга велат дека станува обид за ситно политичко профитерство на Мерко.

Покрај Мерко, на црната листа е и неговото потесно семејство и се означени како лица, на кои влезот нема да им биде дозволен во таа земја, соопшти во јуни 2023 година американскиот Стејт Департмент. Против Мерко во овој момент се активни девет судски предмети. Судењето за нив продолжува на 24 јануари: за набавката на луксузното Ауди А6, за незаконското назначување директори во неколку основни училишта. Почнува и судењето за поставувањето на спорната табла на влезот на општинската зграда.