Дури и навистина да е „речиси неспособен да управува со себе или со луѓето околу него“, дури и да е „импулсивен, нефункционален и недисциплиниран“, како што го оговара еден од водечките колумнисти на „Њујорк Тајмс“, Доналд Трамп е „новото момче во градот“. И како во онаа прекрасна балада на Иглси (Eagles), на ужас на нејзиниот досегашен љубовник, новото момче (Џони) ќе ја џапне девојката.
„Johny come lately, the new kid in town, will she still love you, when you’re not around“. Ви текнува на овие стихови, нели?
Нашиов Џони, имено Доналд, го почнува својот втор претседателски мандат со апсолутна предност и со големи очекувања, но не само затоа што неговиот љубоморен претходник не беше баш „тука“ и „со сите“ во последната година („Where you been lately?“, пеат Иглси), туку и поради фактот што Џозеф Бајден ќе остане запаметен во историјата како човекот што се посвети на растурање на глобалната рамнотежа на силите во светот. Кој не знае, треба да научи дека таа рамнотежа, која во теоријата понекогаш се нарекува и „рамнотежа на стравот“, е градена тешко и макотрпно, со децении. Воден од пропагандниот наратив за обединување на т.н. „прогресивни либерали“ од целиот свет околу него (како „најпрогресивен“ меѓу „прогресивните“), Бајден во голема мера успеа во својот воено-хушкачки проект, во чија заднина беше прилично јасната и само за слепците невидлива намера да оствари личен политички профит. И не само политички.
И затоа „градот“ од песната на Иглси денес е толку девастиран и пропаднат, што прашање е дали новото момче воопшто ќе ја погледне момата и дали ќе трзне на онаа безнадежна романтика („hopeless romantic“, пеат Иглси) на која светот се „палеше“ овие пет Бајденови години.
Војните треба да завршуваат со мир, а не со повеќе војни
Сите аргументи укажуваат на тоа дека резултатите од тој потфат на Бајден – инаку, од аспект на крајниот исход, потфат однапред осуден на неуспех – се катастрофални.
Одамна е јасно дека со сета помош од Америка, од НАТО и од земјите на Европската унија, Украина на Володимир Зеленски не може да ја добие војната со Русија. Многу умни глави (меѓу кои и еден Хенри Кисинџер, на пример), уште во почетокот на таа војна апелираа да се бара мировно решение за конфликтот. Можеби и Владимир Путин не може да ги оствари сите свои стратешки цели поради кои ја нападна Украина, но најважната цел веќе е постигната – шансите Украина да биде нова членка на НАТО и да го (зло)употреби системот на колективна одбрана на членките на Алијансата денес се сведени на нула.
Форсирањето воено решение за конфликтите на Блискиот Исток, пак, доведе до хуманитарна катастрофа и до значително опаѓање на меѓународниот имиџ на Израел, земјата која се смета за најверен сојузник на САД. И тој неуспех е резултат на комплицираниот инженеринг на Бајденовата администрација. Трамп сигурно сериозно ќе се посвети на оваа невралгична точка, бидејќи актуелното примирје покажува дека постои и желба и потенцијал во тој регион да завладее одржлив мир.
Европејците не треба да му се лутат на Бајден, самите си се виновни
Европските економии, кои со децении го базираа својот подем на рускиот гас како клучен енергетски ресурс, се на колена. Ако пред почетокот на војната во Украина рускиот гас сочинуваше 40% од европскиот увоз, сега дотокот на евтиниот руски гас е сведе на само околу 13%. Бајден успеа САД да ја снабдуваат ЕУ со 50% од увозот на течен природен гас, но и тоа не му беше доволно. Неговиот потрчко Зеленски од Нова година го запре снабдувањето со руски гас преку својот гасовод. Словачка и Унгарија се само дел од земјите што ќе ја платат цената на таа профитерска одлука на Бајденовата администрација во заминување.
Но, Европејците не треба да му се лутат на Бајден за сите зла што им ги нанесе оваа прокси-војна меѓу Бајденовиот Запад и Русија. Тие самите се доведоа во подредена ситуација. Самите се согласија „јастребот“ од Вашингтон да ги обедини околу намерата по секоја цена да се поддржат Украина и режимот на Зеленски (со многу пари и со уште повеќе оружје), бидејќи тој бил избран од Западот да ја води оваа прокси-војна против Русија. Европејците самите си се виновни за очигледниот неуспех во таа војна. Сега веројатно и самите знаат дека додека САД, односно Бајден и неговите поддржувачки од воено-индустрискиот комплекс, триеја раце овие години, европските земји се тие што ја платија највисока економска цена на тој неизвесен потфат.
А наскоро, во почетокот на оваа година, ќе почнат да стасуваат за наплата и политичките фактури. Во европските медиуми многу се зборува за растечкиот налет на европската десница, но претежно се молчи за причините за тоа, или се вртат старите плочи на Бајденовата пропаганда. За жал, својот стил на глумење морална супериорност, своето арогантно поведение и повикувањето не некакво елитистичко право на прозивка и на осуда на политичките противници, често и со груба контрола на медиумите и уште погруба цензура на социјалните мрежи, Бајден успеа да им го наметне и на своите најверни поддржувачи ширум планетата, а најмногу во Западна Европа.
Денес „путинизација на централна Европа“, а утре?
И што сега?
Веќе се насетува во која насока ќе се движат работите во Европа. Си замина австрискиот канцелар Карл Нехамер, на негово место доаѓа Херберт Кикл, лидер на австриската Слободна партија, за која „прогресивниве либерали“ тврдат дека била „екстремно десничарска и проруска партија“, која се залага за брз крај на украинската војна. Така, на „лошите“ Унгарија и на Словачка, земји кои со години се обвинуваат за „антибриселски“ ставови, сега им се придружува и Австрија. „Прогресивниве“ аналитичари веќе вреват за „путинизација на централна Европа“.
Што ли ќе кажат „генијалциве“ кога во февруари ќе си замине и германскиот канцелар Олаф Шолц? Бидејќи веќе е јасно дека на изборите во Германија ќе победат конзервативните демохристијани, а најверојатен иден канцелар ќе биде нивниот лидер Фридрих Мерц. Да не заборавиме дека кон крајот на минатата година и на францускиот претседател Емануел Макрон му падна владата, па се проценува дека и нему во догледно време ќе му падне круната.
Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:





