Пишува Драган Милосављевиќ
Премиерот Христијан Мицкоски замина во САД, да се види со фиљан луѓе и да присуствува на инаугурацијата на Доналд Трамп, кој во понеделник ќе го започне вториот претседателски мандат по пауза од четири години. Е, убаво. Но не баш, велат нервозни аналитичари, леви новинари, разни мислители. Прво: Што бара во тоа друштво, знае ли дека во Вашингтон ќе се нацртаат се некакви десничари, крајни популисти, ултра-нај-нај радикални ликови? Одговорот на ова секако би бил дека не е така, од оние што се најавени на настанот во Вашингтон најголемиот дел не се никакви радикали, освен ако десничарската идеологија сама по себе не ја сметате за радикална. За нормалните луѓе тоа е повеќе од јасно, но ако самите себеси се нарекувате прогресивни граѓани/граѓанки затоа што сте биле и сте поддржувач на Заев и Венко, тогаш веројатно природно за вас е да тврдите дека е ултра-хипер-десен фашист секој што не ги харесва политиките на овие двајца. Политики кои патем, Македонија од држава ја сведоа на колонија. И тука нема што посебно да се додаде освен дека прогресивните граѓани-граѓанки не знаат што зборуваат, кутрите и дека пред нив е долг, ама долг период на будење од грозниот сон во кој се заглавија и себе, а и сите нас притоа.
Е сега. Можете да бидете сигурни дека кај Трамп на инаугурација, на бал, на прием, на пиво ако сакате, би се појавил секој, буквално секој европски и светски државник само доколку на некаков начин добие покана. И не е важно дали се согласуваат политички (најголем дел од европјаните не), едноставно човекот е претседател на најмоќната држава во светот и прагматично, политички логично, мудро е да имате добри односи со него. Така што, Мицкоски и тоа како треба да биде таму, да „се меша со рајата“, да го искористи моментумот и фактот дека има блиски меѓу луѓето од најтесниот круг околу амриканскиот претседател, без разлика на лелекањето и негодувањето на македонските опозициски настроени „мудреци“. Притоа вреди да се спомене уште една работа. Загрижените формалисти потсетуваат дека во веќе долгата традиција на инаугурации на американски претседатели никогаш и не биле повикувани како гости странски државници. И? Сега повикани се или што? За секој благоразумен поентата не е во формата туку во суштината. Значи, важно е дека се воспоставени одлични односи со премоќните луѓе во Белата куќа и тоа треба да се искористи, а не да си ја чукаме главата со досегашните традиции, причини за средби и видувања и слично. Во надворешната политика најважни се прагмата и интересот, впрочем тоа досега требаше да го разбереме особено што неретко и самите бевме жртви на овие прости, едноставни а сепак ненаучени лекции.
Конечно, збор два за „аргументот“ на контрашите дека САД не можат ништо да направат за нашите евроинтеграции, бидејќи за нив се прашуваат Брисел и Софија, а не Вашингтон. Демек, џабе пари ќе се потрошат, џабе ќе се акате преку океанот, Бугарија нема да попушти. Прво, тоа не е сосема точно, бидејќи раката на САД е навистина долга и може, доколку е за нив целисходно и тоа како да се затегне околу вратот на оној што треба да попушти околу некое прашање. И второ, кој вели дека треба да се оди во Америка заради европските интеграции? Во САД се оди заради нив самите, за да се направат што подобри контакти и пријателства таму каде што се одлучува за судбината на светот. Нам Американците не ни требаат само за да ни помогнат во тргањето на бугарското вето, туку ни се потребни затоа што се најсилна светска економија со која вреди и мора да се соработува, затоа што се постојана членка на Советот за безбедност на ООН. затоа што се најважниот играч во НАТО, затоа што го гарантираат мирот на Балканот, затоа што Европа, за жал, без американска помош не е во состојба ама баш ништо да направи. Да, тоа на многумина не им се допаѓа, но фактите се факти а пред нив и Боговите молчат. Така што, не само што треба туку и мора да се биде пред Белата куќа додека во неа официјално влегува Доналд Трамп. Иако тоа е само првиот чекор. За понатаму, ако сме мудри ќе продолжиме да одиме правилно, без гегање и грешки па можеби конечно ќе се спојат коцките во наша корист. За промена, аман!
Најчитани статии Суптилна порака на Сиљановска Давкова до ЕУ и НАТОПретседателката до странските амбасадори: Ако сме ,,Ахилова пета”, западот не смее да дозволи да бидеме погодени од било какво оружје






