Претседателот на Владата на 20 јануари во Вашингтон ќе присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на 20 јануари, според владино соопштение, ќе присуствува и на свеченоста насловена како „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите Трамп медиа и Рампл, jaви МИА.
Најавено е дека за време на престојот во Вашингтон, македонскиот премиер ќе се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и министер за трговија, Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација и со извршниот директор на Рамбл, Крис Павловски. Од Владата посочуваат дека можни се и повеќе други средби.
Посетата на САД и присуството на инаугурацијата на Трамп, премиерот Мицкоски првпат ја најави во новогодишното интервју за МИА. Тогаш кажа дека на 18 јануари заминува во посета на Соединетите Американски Држави, два дена пред инаугурација на новоизбраниот американски претседател Трамп.
„Покрај Брисел, Вашингтон е исклучително значајно место за нас како држава и за нас како Влада. Очекувам да го привлечам вниманието за САД да гледаат кон Балканот со поинква оптика.
Мора прво регионално да го привлечеме вниманието – Вашингтон да гледа кон нас како регион, а не како единка во тој регион.
Да – важна единка, природна крстосница, срцето на Балканот, но, сепак, ако го гледаме Балканот како целина тогаш низ оптиката на Вашингтон поубаво можеме да ги гледаме работите и сакам сето тоа да го презентирам таму, кои се предностите кои ние како мала, убава земја во срцето на Балканот ги нудиме, но и кои се предизвиците за регионот“, рече Мицкоски во интервјуто.






