Поранешните американски претседатели Барак Обама, Џорџ Буш и Бил Клинтон сепак ќе присуствуваат на инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, во Вашингтон на 20 јануари.
Оваа вест е изненадување за сите, затоа што сите тројца до пред два дена имаа став да не присуствуваат. Поранешните претседатели не сакаа да бидат видени на „устоличувањето“ на човекот кого, како што наведуваат медиумите, не го почитуваат многу.
Сепак, нема да присуствуваат на традиционалниот инаугурациски ручек.
Медиумите нагласуваат дека до промената дошло откако Обама и Клинтон меѓусебно се посоветувале и се согласиле дека бојкотот на инаугурацијата ќе ја намали поддршката од Американците кои ѝ се наклонети на Демократската партија.
Лора Буш и поранешната државна секретарка Хилари Клинтон ќе им се придружат на своите сопрузи на церемонијата на положувањето на заклетвата во Капитол.
„Потврдено е присуството на поранешниот претседател Барак Обама на 60-тата церемонија на инаугурација. Поранешната прва дама Мишел Обама нема да присуствуваат на претстојната инаугурација“, се вели во соопштението од кабинетот на Барак и Мишел Обама.
Во изјавата не се наведени причините зошто Мишел Обама нема да биде на инаугурацијата. Медиумите и потсетуваат дека таа не му се придружи на својот сопруг и на минатонеделниот државен погреб на поранешниот претседател Џими Картер во Вашингтон, каде што
Трамп, Буш и Клинтон присуствуваа со своите сопруги.
„Бил Клинтон ќе присуствува на церемонијата на положување заклетва, како и Хилари Клинтон“, потврди за медиумите лице запознаено со распоредот на Клинтонови.





