Полска, која од 1 јануари го презеде претседавањето со Советот на ЕУ, уверува дека проширувањето кон земјите од Западен Балкан е дел од нејзините приоритети во наредните шест месеци. Мариуш Бримора, вршителот на работи амбасадор на Полска во Република Македонија, во интервјуто за „360 степени“ вели неговата земја ќе го продолжи и ќе го забрза пристапувањето на регионот кон Унијата. Во однос на блокираните евроинтеграции на Република Македонија Бримора најавува дека полското претседателство ќе се вклучи во напорите за надминување на ќорсокакот. Тој открива дека наскоро претставници на полското МНР ќе заминат за Софија каде што ќе се разговара и за ситуацијата со Република Македонија. Полскиот дипломат е сомничав во однос на владината иницијатива за уставни измени со одложено дејство. „Некои сојузници на владата инсистираат дека тоа е можно. Но нема навестување дека Брисел, или Бугарија, би ја промениле позицијата, дека се подготвени да ја сменат позицијата. Не сум сигурен дека овој предлог може да биде ефективен.“ – вели Бримора.
„Експрес“ ги пренесува најважните нагласки од интервјуто на Мариуш Бримора, дадено за „360 степени“.
360°: Колку енергија полското претседателство ќе вложи во проширувањето, прашање од исклучителна важност за * Македонија, конкретно, проширувањето со Западниот Балкан?
Мариуш Бримора: Апсолутно дека ќе вложиме енергија. Забележав низа медиумски извештаи, во кои пишуваше дека Полска се откажала од Балканот како дел од нејзините приоритети. Тоа не е точно и тоа неколкупати беше кажано од високи претставници на нашата влада. Минатиот декември премиерот Туск изјави дека проширувањето на ЕУ ќе биде во фокусот на нашето внимание за време на претседавањето. Ќе ја повикаме новата висока претставничка Каја Калас, за време на нашето претседавање, да организира министерски состанок ЕУ-Западен Балкан за да се задржи интересот за соработка со регионот, да се процени напредокот во проширувањето.
Ги поддржуваме земјите од Западен Балкан низ низа други активности и проекти како твининг-проектите, еден од нив наредната недела ќе биде отворен овде во Скопје. Со него ќе раководат полски експерти за транспортни прашања. Преку годишната академија за проширување, на која присуствуваат претставници на сите земји од регионот, нудиме билатерален трансфер на знаење за проширувањето. Ако поднесе * Македонија барање за некакви консултации, наши експерти ќе бидат подготвени да го споделат тоа знаење. Додека го снимаме ова интервју вашиот министер за европски прашања Орхан Муртезани е на пат кон Варшава. Таму в петок ќе се сретне со нашиот министер за ЕУ Шлапка. Тој ќе има и низа средби со полски владини претставници, вклучувајќи и парламентарци, кои се дел од групата на полско-балканското пријателство.
Вчера добив уште една покана за министерот Муртезани да присуствува на состанок на Советот во Варшава кон крајот на февруари. Работиме и на организирање посета на министерот за надворешни работи на Варшава. За летото планираме да организираме посета на претседателот на Собранието на Полска заедно со неколку парламентарци. Главна тема на сите овие состаноци ќе биде проширувањето. Тоа значи дека Варшава не е пасивна.
360°: Во приоритетите се наведува дека има потреба од консолидирање на реформите во земјите-кандидатки и зачувување на кредибилитетот на ЕУ. Дали ова се однесува и на * Македонија и нејзините блокирани евроинтеграции?
Мариуш Бримора: Ќорсокакот за кој зборувате е сто проценти билатерално прашање и како такво треба да го решат вмешаните земји. Она што ние можеме да го направиме, мислам на останатите членки на ЕУ, е да поддржиме решение, кое е во насока на постигнување компромис на каков било меѓународен форум, или на рамниште на ЕУ. Ние дефинитивно ќе поддржиме такво решение. Но, зависи од вас, да почнете да разговарате и да договорите компромис. Дополнително, според мене, а зборувам врз основа на полското искуство, има уште еден фактор кој е многу важен, а тоа е помирувањето. Лично мислам дека треба да се почне со помирување со Бугарите зашто прашањето кое го блокира напредокот во ЕУ-проширувањето е дел од многу поширок и многу подолг историски спор. Полјаците, од сопственото искуство во помирувањето со Германците, многу добро знаат, а и се подготвени тоа искуство да го споделат… Еве, на пример, минатиот декември во Полска се одржа четвртиот специјален семинар за млади лидери и млади, организиран од нашето министерство во партнерство со Германија и фондацијата „Крижова“, за да се сподели полското искуство во процесот на помирување. Повратната информација која ја добивме од овие млади луѓе беше многу добра. Она што ветува е дека веќе има план за наредната година на овој семинар да поканиме и претставници од Бугарија од помладите генерации.
Помирувањето е долготраен процес, треба време, но засега главна задача на вашата влада е да почне да разговара и да дојде до некаков заклучок, што е можно побрзо, прифатлив за двете земји. Но, тоа не значи дека ние нема да помогнеме. Колку што знам, нашиот заменик-министер за надворешни работи задолжен за европска политика, наредниот месец планира посета на Софија. Сигурен сум дека ќе ја искористи можноста да разговара и да ги охрабри бугарските партнери да размислат за билатерални разговори со кои ќе се постигне неопходниот компромис.
360°: Значи, како претседателство со Советот на ЕУ планирате да разговарате и со Софија?
Мариуш Бримора: Заменик-министерот ќе патува за Софија.
360°: Кога зборувате за компромис, сегашната влада во Скопје турка иницијатива за уставни измени со одложено дејство. Дали оваа иницијатива, од перспектива на полското претседателство, е реално и можно решение за ќорсокакот?
Мариуш Бримора: Премиерот Мицкоски и неговата влада се надеваат дека Бугарија ќе се согласи со ова одложено спроведување, кое во практика би значело измени на македонскиот Устав подоцна, откако ќе станете членка на ЕУ. Или откако ќе го отворите последното поглавје од преговорите. Некои сојузници на владата инсистираат дека тоа е возможно. Но, нема навестување дека Брисел или Бугарија би ја промениле позицијата, оти се подготвени да ја сменат позицијата. Не сум сигурен дека овој предлог може да биде ефективен. Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос очекува Македонија да ги спроведе уставните измени. Сè е поврзано со стариот латински принцип во меѓународното право „договорите треба да се почитуваат“.
Се сеќавам на еден мој добар пријател, извонреден Американец со полски корени, генерал Ед Рауни, кој беше советник за безбедност на пет американски претседатели. Откако се пензионира, тој напиша книга за преговорите за разоружување меѓу САД и СССР. Книгата беше насловена „За танго треба двајца“. Верувам дека ова е вистинито и за вашата ситуација. Има еден многу добар момент, за да напредувате во процесот. Знаеме дека годинава се одбележува 20-годишнината откако * Македонија стана земја- кандидатка и таа сè уште е земја-кандидатка. Сега постои единствена можност за подготвеност за проширување на ЕУ со земјите од Балканот и тоа со нашето претседателство, со нови раководни лица во ЕУ… Прашањето е: како да се искористи овој момент пред да го снема? Јас едноставно се плашам дека…
Го почнавме разговорот за одредени предизвици со кои се соочува Европа, почнувајќи од војната која е на нашите граници до сите различни кризи со кои се бориме. Тоа може да резултира со ставање на вашите евроинтеграции на маргините. Ако на ова додадете одредени непредвидливости, како што е доаѓањето на новата американска администрација, која може да го тргне фокусот од ЕУ кон други прашања, како што се контролата врз Панамскиот Канал, или проектот за мир во Украина, тогаш може да се променат приоритетите на ЕУ и да замине моментот. Затоа, ако јас бев ваш советник, а не сум, и тоа е само мое лично мислење, тогаш би сакал вашата влада да ги одмери работите „за“ и „против“ и да види што треба да направи за да добие најголема можна корист за граѓаните на * Македонија.
360°: Назад на домашната сфера овде во земјава. Како ги гледате реформите во * Македонија? Има ли недостатоци и кои се? На што треба да се насочи владата?
Мариуш Бримора: Денеска присуствував на состанокот на вашиот министер за надворешни работи со ЕУ-амбасадорите во земјава, на кој имаше размена на мислења. Министерот имаше кусо обраќање и беше утврдено дека има одредени предизвици и недостатоци во реформскиот процес, низ кој минува Македонија. Станува збор за независноста и ефикасноста на судството – извештаи на меѓународни организации укажуваат на политички влијанија врз судството, системската корупција останува голем проблем. Сè уште се соочува со длабоки економски проблеми, кои се последица на негативни системи, кои со години управувале со економијата на земјата. Имаше низа подобрувања, но сè уште има потреба од повеќе реформи и најверојатно еден од недостатоците е темпото на спроведување на реформите. Овој процес треба да се забрза, за да се исполни планираното на патот на европската интеграција.





