Премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска одржаа работен состанок и се во постојана комуникација во врска со последната рунда разговори за името што се одржа во петокот во Виена.
Средбата е прва од најавените поединечни на Димитров со претставниците на државниот врв и со лидерите на политичките партии за разговорите за името.
Димитров попладнево во Собранието треба да има средба со претседателот на законодавниот дом Талат Џафери.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат до пладне немале добиено официјална покана за средба на лидерот на партијата Христијан Мицкоски со Димитров.
Потврда за средба нема ниту од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.
Димитров минатата недела најави дека по преговорите за името во Виена ќе се одржи состанок на државниот врв и лидерите на најголемите партии. Тој во петокот имаше средба со својот грчки колега Никос Коѕијас и со медијаторот на ОН, Метју Нимиц.
За разговорите во Виена денеска и утре во Атина шефот на дипломатијата на Грција ќе ги информира лидерите на грчките политички партии.





