Кинеската вселенска станица изгоре далеку од Македонија (ВИДЕО)

Вселенската станица „Тијангонг-1“, за која кружеа информации дека делови од неа би можеле да паднат над Балканот, а со тоа и во Македонија, сепак, изгоре далеку од тука – во атмосферата на Земјата над јужен Пацифик, јавија кинеските медиуми.



Станицата чие име во превод значи „Рајска палата“ своето долго очекувано повторно влегување го направи во централната регија на јужен Пацифик утрово во 8:15 часот по локално време (2:15 ч. по средноевропско време), соопшти Кинеска вселенска агенција. Настанот го потврди и војската на САД, според која кинеската станица над јужниот дел на Тихи Океан се појавила една минута подоцна.

Џонатан Мекдауел, астроном во Центар за астрофизика, кој го следеше патот на „Тијангонг-1“ назад на Земјата, истакна дека вселенската станица, која се појавила повторно некаде северозападно од Тахити, одвај дали досегнала до т.н. гробишта за вселенски летала во јужниот Тихи Океан, околу 3.900 километри од Велингтон, Нов Зеланд. Местото што е избрано за падот е „вечно почивалиште“ за околу 150 вселенски летала.

Нефункционалната вселенска лабораторија со големина на автобус и тешка 8,5 тона изгоре речиси во целост на патот кон Земјата, јавија кинеските медиуми, наведувајќи податоци од Центар за контрола во Пекинг.

Лансирана во 2011 година, „Тијангонг-1“ стана прва кинеска вселенска станица. Пред Кина да ја загуби контролата врз неа во октомври 2016 година, во 2012 и во 2013 година беше домаќин на два вселенски екипажи. Се претпоставува дека причината за нејзиниот пад е техничка неисправност, иако Пекинг тоа ниту го потврди, ниту го демантира.

https://youtu.be/mXvPbAS7iHQ