„Обвинителска војна“: Цветановски и Хајрулахи го отфрлаат обвинувањето на Коцевски дека местеле четири предмети „тешки“ 10 милиони евра!

„Треба ли да се влечеме по судови за предмети, кои воопшто не се кривични дела?’ – реагираше вишиот обвинител Јован Цветановски, откако државниот обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“ обвини дека дека Цветановски во дослух со неговиот шеф Мустафа Хајрулахи местеле предмети и оти во четири случаи, ‘тешки’ 10 милиони евра, неосновано се откажале од жалба или обвинение! Во изјава за МТВ Цветановски вели дека немал законска обврска да го консултира Коцевски каква одлука да донесе. За конкретните случаи тврди дека биле без докази, а обвиненијата нарачани.“објави „360 степени“.



Натаму „360 степени“ објави: Скопскиот виш обвинител Мустафа Хајрулахи, кој е суспендиран, вели дека ниту имало, ниту ќе има местење предмети. Коцевски во емисијата „360 степени“ на МТВ посочи дека против двајцата обвинители се водат дисциплински постапки. Тој наведе дека Хајрулахи и Цветановски одлучиле по сопствено убедување за четири предмети, „тешки“ 10 милиони евра, пред да донесат одлука, иако требало да реферираат во Републичкото обвинителство.

„Се работи за предмети, коишто навистина се за големи износи. Едниот предмет е за околу 840 илјади евра, а е повлечена жалбата. Вториот предмет е навистина за голема сума, се работи за околу осум милиони евра. Третиот и четвртиот предмет, ако се сумираа, можеби има вкупно за сите четири околу десет милиони евра, каде што жалбата е повлечена, или е повлечено обвинение. Се работи за многу високи износи, а тоа го направиле само обвинителот, кој е обработувач на предметот, и вишиот јавен обвинител. Во вакви случаи кога се работи за предмети, коишто се од многу висок јавен интерес, кога се работи за предмети, во коишто навистина има голема штета, тогаш треба многу голема претпазливост: јавниот обвинител, кој што работи на предметот, заедно со вишиот јавен обвинител треба за него да го реферира во Републичкото јавно обвинителство.“ -рече Коцевски.

„За вишиот обвинител Мустафа Хајрулахи се води кривична постапка за местење предмети.“ – веќе откри државниот обвинител Коцевски.

„Обвинителската војна“ на релација Вишо обвинителство – Државно обвинителство почна со случајот за бонусите во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Двајцата виши обвинители јавно кажаа дека Коцевски им врши притисок каква одлука да донесат, но сепак постапиле по сопствено убедување, поради што, како одговор, се соочуваат со дисциплинска одговорност. Коцевски демантираше и рече дека не вршел притисок, возвраќајќи со тврдење дека обвинителите нестручно работеле.