Пред вечерашниот дуел Унгарија – Македонија од 20:30 часот во Вараждин од првото коло во групата Д на 29. Светско првенство за ракометари унгарскиот селектор Чема Родригез не е многу среќен што на спротивната страна ќе го има својот некогашен соиграч во Сиудад Реал (2010-2011) и во Атлетико Мадрид (2011-2012), Кирил Лазаров.
„Ние сме добри пријатели, не е добро да играме еден против друг, но тоа е спортот, тоа се случува често. Ќе биде исклучително важно за двата тима да освојат два бода, бидејќи само победа значи добри шанси за пласман во полуфиналето и подалеку“, изјави поранешниот шпански среден бек за унгарски „Немзетишпорт“.
Ова ќе биде прв дуел меѓу Македонија и Унгарија на мундијалите, а во сите пет досегашни средби Унгарците беа подобри. Тие го освоија осмото место на претходното СП 2023, на кое Македонија заврши 27., а на шампионатот пред тоа Унгарија беше петта.
Покрај овој меч, Македонија во групата ќе се сретне и со Холандија задутре од 18 ч., како и со дебитантот Гвинеја два дена подоцна во истиот термин. Во следната групна фаза ќе се пласираат трите најуспешни селекции, а таму ќе се вкрстат со трите најдобри од групата Ц, во која се Франција, Австрија, Катар и Кувајт.





