Бугарија до крајот на април ќе ги добие првите авиони Ф-16 од САД

Првите два воени авиона Ф-16 ќе ѝ бидат предадени на Бугарија до крајот на април, а еден готов ловец ќе остане во САД за обука на бугарските пилоти, најави в.д. министерот за одбрана Атанас Запрјанов.



„Првиот борбен авион ќе биде примен на 31 јануари во Гринвил. Се очекува до крајот на годината да бидат примени вкупно осум од 16-те купени борбени авиони“, рече Запрјанов.

До крајот на годината се очекуваат и две патролни фрегати кои ќе бидат користени во Црното Море, додаде тој.

„До крајот на годинава ја очекуваме испораката и на првите борбени возила „Страјкер“ кои ќе се склопуваат во бугарското претпријатие ‘Терем Ивајло’ од Велико Трново. Дополнително планираме артилериски орудија од 155 милиметри и беспилотни летала“, објасни министерот.

Првата дивизија противвоздушни ракети „Ирис-Т“ се очекуваат до крајот на 2027 година.

Според Запрјанов, во наредните години ќе има континуирана нестабилност.